Само половина од слободните места, според конкурсот за запишување што го објави Министерството за образовние и наука, се пополнети во првиот уписен рок во СОУ „Ванчо Прке“ од Виница.
Слично како и во другите средни училишта во државата, и овде поголем интерес има за стручното образование, во очекување дека по завршувањето, тоа на учениците ќе им обезбеди квалификуваност за полесно и посоодветно вработување.
Од планираните 202 места, пополнети се вкупно 116, при што најслаб одѕив е регистриран за текстилното образование.
Директорот на виничкото средно училиште Тихомир Тасев потврди дека најголем интерес имало за стручното образование. Притоа што во машинската струка се запишани 24 ученици, за сообраќајната 22, а во прехранбената 20 нови ученици. За гимназиското образование пак, се пријавиле 45 завршени основци, а најмалку за текстилно-кожарската струка – само четири ученика. Во зависност од одѕивот што ќе го има во вториот уписен рок, ќе се види како овде ќе се изведува наставата, додаде Тасев.
За сите четири струки во стручното образование наставата се реализира во соработка со домашни компании, како дел од програмата за дуално обвразование што ја спроведува ресорното министерство.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.