„Амфенол Технолоџи Македонија“, еден од главните стопански субјекти во Кочани, регионот и државата, годинава одбележува 12 години од своето постоење и успешно работење, а за продолжување на растот на компанијата веќе се подготвени проекти што ќе се реализираат во наредните две години.
Позитивните резултати пред завршувањето на деловната година и одбележувањето на роденденот, раководството и вработените во „Амфенол“ ќе го реализираат со соодветни активности и скромна свеченост.
-Мислам дека „Амфенол“ е една од светлите точки во овој регион, којашто сепак дава надеж каде и како треба да се движиме и дека сепак има иднина за овој регион. 12 години поминаа, сменет е менталитетот, мајндсетот на вработените, ги следам уште од самите почетоци сите тие луѓе и се надевам дека тоа е вистинскиот пат и тоа е начинот на којшто треба сите да се однесуваме, да се усовршуваме, надградуваме и остваруваме и деловно и професионално. И минатата година имавме одлични резултати, и покрај сите премрежја сите проблеми коишто се јавуваат и регионално и глобално, сепак ние ја завршивме со раст и оваа тековна година е со раст. Имаме доста нови проекти, многу големи инвестиции во опрема и тоа е пред сѐ во автоматизирана и роботизирана опрема, најсофистицирана, и тоа ми е посебно задоволство. Нашите луѓе успеваат да се справат со предизвиците и со тоа всушност се отвора патот кон нови инвестиции. Моментално сме 3.220 вработени, тој тренд ќе продолжи и во наредниот период, сметам дека имаме добар план и за 2026 година, со нови проекти и нова зграда дополнително, покрај оваа којашто сега планираме да ја отвориме во наредната недела. Со задоволство можам да констатирам дека планираното е реализирано, и повеќе од тоа што е планирано, истакна Сашко Наков, директор на „Амфенол Технолоџи Македонија“.

Во рамки на одбележувањето на роденденот на компанијата, в сабота ќе се одржи турнир во мал фудбал на кој покрај домашната екипа на „Амфенол Технолоџи Македонија“ ќе учествуваат и нивни колеги од Германија, Словачка и Чешка. Исто така, ќе има и претставници од раководството на „Амфенол“, кои ќе бидат гости на свеченоста.
-Во кругот на на автомобилскиот сектор ќе имаме соодветна претстава за деца, одредена програма за одбележување, награди за 5 и 10 години за најдобрите вработени на годината и за најмладите ќе има посебна програма. Ќе можат во исто време да ги посетат работните места на своите родители, да видат каде работат, како функционира, да го приближиме „Амфенол“ едноставно и на нив, бидејќи тој е тука долгорочно. Сметаме дека идните генерации треба да го почувствуваат „Амфенол“ како своја компанија, посебно на нашите вработени коишто се веќе тука. Во понеделник имаме продолжување на тој настан со отворање на новата хала, осветување и старт на активности во неа. Ќе имаме, исто така, заеднички со нашите партнери тука од Кочани, со некои високи претставници, меѓутоа тоа ќе биде скромна, повеќе интерно одбележување. Во исто време ќе имаме поставување камен-темелник, односно старт на друга зграда што планираме до средината на 2026 година да биде готова. Ќе биде зад овие згради, како заокружување на овој комплекс. Тоа ќе оди во две фази, ќе има прва фаза со 1.600-1.700 метри квадратни и втората до 4.500, односно дополнителни скоро 2.800 до 3.000 квадратни метри. Со тоа би го заокружиле овој комплекс околу автомобилскиот сектор, додаде директорот Наков.
Новата хала што ќе биде предадена во употреба е веќе пополнета, поради што се подготвуваат нови проекти и инвестиции. Влијанието од глобалните случувања и промените на меѓународните стопански текови успешно се надминуваат.

-Ние не сме имуни на глобалните случувања, меѓутоа наоѓаме начини тоа да го пребродиме, да го надминеме и да го задржиме растот. Постојано работиме на нови проекти, на привлекување нови проекти и на тој начин се амортизираат одредени удари кај некои постоечки и претходни проекти коишто веќе функционирале долго време. Сметам дека нема преголем ризик, барем од тоа што го гледам, мислам дека ова што го планираме ќе го реализираме без некои сериозни проблеми, заклучи Наков.
За реализација на новите инвестиции и проширувањето на производството ќе има и нови вработувања, при што до крајот на оваа и наредната 2026 година ќе биде ангажирани луѓе од Кочани и поширокиот регион. Со оглед на продолжувањето на растот и во 2027 година, во план и преговори е дел од новото производство и погони да се отвораат и во други градови во државата.
Во рамки на својата општествена одговорност „Амфенол Технолоџи Македонија“ ќе продолжи со донации за поединци и институции во регионот, без разлика дали се работи за надминување на последиците од големата трагедија во Кочани или пак за други потреби.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






