Средното општинско училиште „Љупчо Сантов“ во Кочани отсега ќе биде значително побезбедна средина за учениците и професорите, благодарение на новата донација на современа опрема за систем за дојава и детекција на пожар.
Оваа значајна активност е плод на соработката помеѓу Ротари клубот Кочани – Виница и нивните пријатели од Ротари клубот Целје од Словенија.
Донацијата опфаќа комплетен и модерен систем за заштита кој вклучува централи за дојава на пожар, рачни јавувачи и детектори за пожар, сирени за алармирање и комуникациска и придружна опрема.

Инсталацијата на овој систем е од витално значење за училиштето, бидејќи раната детекција и навременото известување се сметаат за клучни фактори во спречувањето на поголеми опасности и заштитата на човечки животи.
Како што истакнуваат од Ротари клубот Кочани – Виница, ова не претставува само обична набавка на опрема, туку директна инвестиција во безбедноста на децата и пример кој треба да го следат сите образовни институции во државата.
-Нашата цел е да поттикнеме поголема свест за превенција од пожари и создавање на побезбедни услови за образование, порачуваат донаторите.
За реализација на овој хуманитарен проект, упатена е јавна благодарност до Ротари клубот Целје, како и до поединците Фрањо Розман и Томас Томшич, чија поддршка и пријателство беа пресудни за успешното опремување на кочанската гимназија.
Со овој чекор, Ротари заедницата уште еднаш ја потврди својата посветеност кон подобрување на условите во локалната заедница и заштита на најмладите.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






