Додека граѓаните очекуваат локалната власт да ги решава нивните секојдневни комунални и животни проблеми, општинската политичка сцена во Кочани се најде во нов чин од бирократскиот театар – битка меѓу Општината и Советот за една канцеларија.
Повод за конфликтот е Одлуката на Советот на Општина Кочани донесена на 31 август годинава, со која просторијата број 25 на вториот кат во општинската зграда, што претходно ја користел секретарот на Општината, се дава на трајно користење, без надомест, на самиот Совет и на Претседателот на Советот.

Овој потег ја отвори дилемата до каде можат да одат локалните надмудрувања, создавајќи ситуација во која орган на локалната власт носи одлука за пренесување право на користење канцеларија сам на себе.
Епилогот од оваа играрија стигна брзо, па градоначалникот Владко Грозданов донесе Решение за запирање на објавувањето на оваа одлука во „Службен гласник“, нотирајќи дека Советот погрешно ги толкува законските одредби.
Во образложението се истакнува дека правото на Советот да одлучува за располагање со имотот се однесува исклучиво на надворешни субјекти, а не на внатрешна распределба на канцеларии. Оттука, квалификацијата дека е „правно и апсурдно Општината сама на себе да си пренесува право на користење“ јасно ја одразува бизарноста на целата постапка.

Сепак, она што дополнително ја нагласува „несекојдневноста“ во овој случај е институционалното пречекорување на надлежностите. Градоначалникот директно обвинува дека Советот со овој чин врши „противзаконски упад во извршната власт“, потсетувајќи дека распределбата на просториите за работа на администрацијата е чиста внатрешна организација и исклучива надлежност на извршниот орган.
Овој институционален судир за „Канцеларијата бр. 25“ отвора сериозни прашања за приоритетите во локалното самоуправување. Кога енергијата во Советот и Општината се трошат на правни препукувања, толкувања на членови од Законот за локална самоуправа и битка за тоа кој го има клучот од една просторија, јавниот интерес останува во втор план.
Граѓаните не ги бираат своите претставници за тие да војуваат за квадратни метри и фотелји под истиот покрив на општинската „Бела куќа“, туку да испорачаат решенија за реалните проблеми во градот и во населените места во општината.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





