Драстичен пад на венчавките е регистриран за една деценија во кочанскиот регион, при што бројот на склучени бракови е намален за над една третина, а има пораст на разводите.
Податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека во четирите општини од регионот – Кочани, Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци – има континуиран тренд на намалување на „судбоносното да“ и благ пораст на „конечното не“.
Споредбата меѓу 2024 и 2025 година покажува опаѓање на новите брачни заедници во сите четири општини, што го следи и општиот национален тренд на намалување од околу 5,1% на ниво на целата држава.

Во општина Кочани бројот на склучени бракови се намалил од 184 во 2024 година на 172 во 2025 година, додека бројот на разводи пораснал од 36 на 41. Во општина Виница се евидентирани 83 склучени бракови во 2025 година во однос на 89 во 2024 година, а разводите се зголемиле од 16 на 19. Во општина Чешиново-Облешево, венчавките паднале од 31 во 2024 година на 28 во 2025 година, додека разведените бракови пораснале од 5 на 6. Во општина Зрновци, склучени се 11 бракови во 2025 година наспроти 12 во 2024 година, а бројот на разводи се зголемил од 1 на 2.
Доколку овие бројки се споредат со состојбата од пред десет години, во регионот е забележан драстичен пад на венчавките за над 30 отсто. За илустрација, во 2015 година во Општина Кочани биле регистрирани 238 склучени бракови и 32 разводи, а во Виница имало 118 склучени бракови и 12 разводи. Пред десетина години во општина Чешиново-Облешево биле забележани 38 бракови и 3 разводи, а во Општина Зрновци имало 17 склучени бракови и 1 развод.
Основни причини за ваквото опаѓање се интензивното иселување во странство на младото население од Источниот регион во последните 10 години, како и општото одложување на возраста за стапување во брак.

Во четирите општини се забележува и јасен тренд на поместување на границата за стапување во прв брак кон постари години, што целосно се поклопува со државниот и европскиот тренд. Младите сè почесто го одложуваат склучувањето брачна заедница и просечната возраст за прв брак е зголемена за речиси 3 години – жените стапуваат во брак на околу 27–28 години, додека мажите на околу 30 години. Ова го одразува трендот на подолго образование, барање финансиска стабилност и промена на приоритетите.
Дополнителен специфичен фактор е што дел од браковите кои се склучуваат во странство подоцна административно се евидентираат во матичните книги кај нас, но младоженците остануваат да живеат во земјата во која се венчале, така што семејствата со деца ги оформуваат таму. Со тоа, иако дел од овие бракови формално влегуваат во домашните матични евиденции, тие реално не придонесуваат кон зголемување на локалното население во регионот.
Падот на бројот на венчавки и постепениот раст на разводите во сите четири општини се показател за сериозното демографско опаѓање со кои се соочува регионот и државата. Иселувањето на младите лица и променетите социјални услови директно влијаат врз празнењето на овие средини.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





