Управниот одбор на Јавната општинска установа детска градинка „Павлина Велјанова“ од Кочани донесе предлог-одлука за целосно ослободување од надоместок за престој на децата чии родители беа повредени или го загубија животот во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.
Оваа хумана иницијатива предвидува децата кои ги користат услугите на оваа установа во сите нејзини објекти, а чии семејства се директно погодени од несреќата, да бидат во целост ослободени од плаќање на месечната партиципација.
Средствата потребни за покривање на овие трошоци ќе се обезбедуваат од сопствените средства на градинката, поточно од нејзините самофинансирачки активности. За спроведување на оваа одлука, штом таа стане извршна, ќе бидат задолжени стручната служба и сметководството на установата.

Со цел да се олесни пристапот до ова право, предвидено е родителите или старателите да поднесуваат барање до градинката, кон кое ќе приложат потребна документација како извод од матична книга на умрени, потврда од надлежен орган или друг соодветен доказ.
Сепак, иако Управниот одбор веќе ја подготви одлуката, таа сè уште ја чека финалната процедура за да стане официјална. Имено, за да влезе во важност оваа одлука, формална согласност треба да даде Советот на Општина Кочани.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






