Салата на Центарот за култура „Бели мугри“ беше солидно исполнета од граѓани кои дојдоа да слушнат инспиративни приказни на Мотивацискиот форум под мотото „Делата што нè движат напред“.
Настанот, организиран од Академија Кочани, имаше за цел да ја поттикне колективната свест и да ги истакне поединците кои преку своите дела прават реални промени во заедницата.
Во својот воведен говор, иницијаторот на настанот и претставник на Академија Кочани, Јован Шоповски, се осврна на патот кој оваа организација го поминала за само една година. Тој откри дека идејата започнала скромно, без посебна стратегија или буџет, но со голема желба за промени.

-Пред една година двајца почнавме да размислуваме како да понудиме корисни и креативни содржини. Немавме ни буџет за таа намена, но имавме неколку идеи и си рековме дека нема што да изгубиме, истакна Шоповски во своето обраќање.
Тој потсети на успесите на Академијата, од првиот „Паб квиз“, кој од настан за пријатели прерасна во платформа со преку 1000 учесници, па сè до еколошката акција „Генералка викенд“ во која учествуваа над 200 ученици. Шоповски ги нагласи и другите иницијативи како експертските панели за безбедност во сообраќајот, бесплатните таи-чи тренинзи и проектот „Кафе и смисла“ наменет за средношколците.

Според него, сите овие активности потврдиле дека Кочани има насушна потреба од содржини со едукативен и културен карактер.
-Менталниот склоп на нашиот граѓанин мора да се менува. Да ги заклучиме омразата, гневот и зависта, а да ги отклучиме солидарноста, хуманоста и залагањето, порача Шоповски.

Шоповски им се заблагодари на говорниците за нивната добрина и за тоа што без никаков надомест прифатиле да бидат дел од овој настан, како и на тимот од десет волонтери на Академија Кочани кои работат со единствена цел – да му понудат нешто добро на сопствениот град.

На форумот своите приказни ги споделија шест истакнати говорници: Весна Станковска Љубе, Андреј Рајатовски (Градинарот МК), Кристијан Калинов (Ретвитни оброк), Гордана Софија (Генералка викенд), Борче Стаменов (Донирај компјутер) и новинарот Александар Виденовски.
Форумот заврши со силен аплауз и порака дека за успехот на секоја иницијатива е потребна „убава публика“ каква што Кочани покажа дека има.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






