Четиричлена екипа на Доброволното противпожарно друштво – Кочани оствари исклучителен успех на меѓународниот натпревар во противпожарни игри „ВИП 2026“, кој се одржа во Петроварадин, Република Србија.
Во силна конкуренција на 14 екипи од Србија, Хрватска и Словенија, кочанските доброволци успеаја да се изборат за високото трето место.
Натпреварот беше конципиран да ја тестира подготвеноста, брзината и вештините на пожарникарите на четири различни полигони. Успехот на ДПД Кочани е уште позначаен со оглед на меѓународниот карактер на настанот и квалитетот на противничките екипи.

За претставниците на ДПД Кочани, овој натпревар не претставува само спортски успех, туку и значајна платформа за надградба на нивните капацитети.
-Ваквите меѓународни натпревари не се само можност за спортски и натпреварувачки успех, туку и за стекнување нови знаења, искуства и пријателства. Токму овие контакти и размена на искуства се од огромно значење за развојот и унапредувањето на нашето друштво, истакнуваат од ДПД Кочани.
Успешниот настап беше олеснет преку поддршката на приватниот сектор и одличната соработка со колегите од соседството. Екипата упати јавна благодарност до домаќинот и организатор, ДВД Петроварадин, за нивната беспрекорна организација и топол прием во текот на целиот настан.

Посебна благодарност беше упатена и до компанијата „Мак Рент“ од Кочани, која со својата финансиска поддршка го овозможи патувањето и учеството на тимот во Србија.
По овој меѓународен успех, членовите на ДПД Кочани најавуваат дека продолжуваат со своите активности со уште поголема мотивација и посветеност на хуманата противпожарна дејност.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






