По последната седница на Советот на Општина Кочани и реакциите за покачувањето на општинските даночни давачки, независната советничка група „Доста беше“ излезе со сериозни обвинувања за корупција и фаворизирање на фирми поврзани со политиката, а во рамките на работењето на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“.
Во фокусот на нивната реакција е фирма која, иако со минимален број вработени и скромни приходи, за многу краток период добила огромни суми од јавните пари на граѓаните.

Од „Доста беше“ посочуваат на фрапантни податоци за правниот субјект кој станал редовен добитник на тендери од јавното претпријатие. Според нивната анализа, се работи за фирма со речиси никаков капацитет, која истовремено е сопственички поврзана со политички фигури од власта.
-Ова се единствените тендери доделени досега на оваа фирма. Фирма која во 2024 година нема ниту еден вработен и остварува приход од околу 100.000 денари, а во 2025 година има еден вработен на пола работно време и приход од околу 620.000 денари. Фирма која е во Б категорија и има постојани блокади. Фирма која е во сопственост на поранешен директор на Водовод и син на советник од истата партија од која е и сегашното раководство, стои во писмениот допис од советничката група.

Она што најмногу реагираат од советничката група е несразмерноста меѓу претходното работење на фирмата и вредноста на договорите што ги потпишала со КЈП „Водовод“ во тековната година.
-За помалку од два месеци, фирмата добива тендери во износ од без малку 100.000 евра, односно износ кој е 10 пати поголем од нејзиниот годишен промет во 2025 година и 60 пати поголем од прометот во 2024 година. Доколку Јавното обвинителство не реагира по допрен глас, ние ќе ги доставиме документите со кои поврзуваме логични точки кои се сомнителни, за понатаму надлежната институција да утврди дали има незаконита постапка, велат од „Доста беше“.
Реакцијата на независната советничка група завршува со песимистичка метафора „Ние тонеме, а КЈП е сидрото“ со која ја опишуваат моменталната состојба во која се наоѓа Кочани и неговото најважно јавно претпријатие, кое наместо да биде мотор на развојот, станува товар.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






