Доброволното противпожарно друштво – Кочани излезе со остра реакција до јавноста, информирајќи дека при чистењето на десниот магистрален канал кој поминува низ нивниот круг, Водостопанство „Брегалница“ повторно формирало мини депонија од извадениот отпад.
Иако навременото чистење на каналот е неопходно за инфраструктурата, волонтерите пожаникари сметаат дека е целосно недозволиво овој отпад да се депонира во кругот на противпожарните служби.
Од самиот почеток на активностите, ДПД Кочани инсистирало отпадот веднаш да биде транспортиран и одложен на соодветна локација, но нивните барања не биле прифатени. Со цел да се изнајде решение, Друштвото доставило и писмено барање до АД „Водостопанство – Брегалница“, а бил остварен и телефонски разговор со директорот на претпријатието.

-И покрај сите наши напори, не беше пронајдено решение, па денес повторно сме соочени со истата слика – мини депонија во кругот на службите кои секојдневно се грижат за безбедноста на граѓаните, велат од ДПД – Кочани.
Од противпожарното друштво посочуваат дека ваквата состојба не е само естетски проблем што го нарушува изгледот на просторот, туку претставува и директен здравствен и еколошки ризик. Тие се децидни дека е недозволиво вакви депонии да опстојуваат во работниот простор на пожарникарите.
ДПД – Кочани упати јавен апел до сите надлежни институции итно и без одлагање да го отстранат наталожениот отпад. Покрај моменталното чистење, тие бараат и трајно решение со кое при секое идно чистење на каналот, отпадот веднаш ќе се транспортира до соодветна депонија, наместо повторно да се натрупува во нивниот двор.
-Безбедната и чиста животна средина е заедничка одговорност. Очекуваме брза и одговорна реакција, стои во соопштението потпишано од Доброволното противпожарно друштво – Кочани.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






