Одличен потег за решавање на долгогодишниот сообраќаен хаос во централното градско подрачје направи Советот на Општина Кочани, откако денеска донесе едногласна одлука која стапува на сила веднаш.
Од сега па натаму, потегот од градскиот плоштад до Гимназијата „Љупчо Сантов“ ќе биде целосно забранет за движење на автомобили и сите други моторни возила. Но, изненадувањата не завршуваат тука – забраната се проширува и на велосипеди и електрични тротинети, со цел да се обезбеди максимална безбедност за пешаците.
Градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов на вонредна прес-конференција одржана утрово, истакна дека оваа мерка е резултат на детални анализи и бројни поплаки од граѓаните за небезбедноста и загадувањето во срцето на градот.

-Време е да го вратиме центарот на Кочани на неговите граѓани. Сакаме да создадеме оаза на мир и безбедност, каде што луѓето ќе можат слободно да шетаат, без страв од сообраќајни незгоди, истакна Грозданов, додавајќи дека ова е само почеток на поширока стратегија за хуманизација на урбаниот простор.

За да се олесни движењето на постарите граѓани и лицата со отежнато движење, Општината најави воведување на бесплатна услуга со специјални електрични колички. Овие еколошки возила ќе бидат достапни на неколку пунктови долж забранетата зона и ќе овозможат удобен превоз за сите кои имаат потреба.
-Никој нема да биде изоставен. Наша цел е да обезбедиме пристапност за сите, истовремено промовирајќи здрав и активен начин на живот, потенцираше Александар Андов, претседател на Советот на Општина Кочани.

Казните за прекршителите на новите правила ќе бидат ригорозни. За оние кои ќе бидат фатени како возат автомобил во забранетата зона, предвидени се високи парични казни. Како најригорозна мерка, Општината најави и можност за привремено или трајно одземање на возилото. Оваа одлука предизвика бурни реакции меѓу граѓаните, но локалните власти се децидни дека нема да има компромиси кога станува збор за безбедноста и јавниот ред.
Иако некои граѓани изразија загриженост за практичноста на оваа мерка, особено за оние кои живеат или работат во центарот, Општината уверува дека се предвидени алтернативни решенија за паркирање и пристап. Деталите за овие решенија ќе бидат објавени во наредните денови.
Останува да видиме како оваа храбра одлука ќе се одрази на секојдневниот живот во Кочани и дали ќе послужи како пример за другите градови во земјава.
СЕКАКО ДЕКА ОД ВАКВА ОДЛУКА МНОГУМИНА БИ БИЛЕ ЗАДОВОЛНИ АКО НЕ БЕШЕ САМО НОВИНАРСКА ПРВОАПРИЛСКА ШЕГА!

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






