Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов упати јавен повик до општествено одговорните компании да се вклучат во иницијативата за реконструкција и уредување на просторот во Гинеколошкото одделение во кочанската Општа болница.
Овој чекор е неопходен за да може соодветно да се искористи донацијата од Амбасадата на Полска, која се состои од современа медицинска опрема.

Ситуацијата со Гинекологија во моментов е критична бидејќи опремата пристигнува, но просториите не ги исполнуваат условите за нејзино монтирање и користење. Доколку не се изврши итно реновирање, постои опасност донацијата да стои неискористена.
-Општината ќе преземе иницијатива и бара донатори од општествено одговорни компании за да го реконструираме просторот. Мора да бидеме проактивни, наместо да чекаме поддршка само од државните извори, истакна Грозданов.

Еден од клучните аргументи за оваа инвестиција е фактот што Одделението е веќе кадровски екипирано со потребниот стручен персонал. Единствената пречка за вршење посериозни оперативни зафати е несоодветниот простор.
-Крајната цел е да се комплетира салата за операции за да може персоналот да ги врши интервенциите во Кочани, вклучително и оперативни зафати за царски рез и слични процедури, додаде градоначалникот.
Повторното оспособување на Одделението за оперативни зафати што пред повеќе години се правеле во кочанската болница ќе значи поголема безбедност за пациентките, кои веќе нема да мора да патуваат во други градови за итни или закажани интервенции. Истовремено, тоа ќе донесе и значителна заштеда на финансиски средства за семејствата и заедницата.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






