Компанијата „Техком“ од Кочани ја потврдува својата општествена одговорност со давање придонес и поддршка во гасењето на пожарите во источниот регион.
Со сопственото специјално опремено противпожарно возило од марката Kronenburg mac 06, кочанската компанија веќе им помогна на противпожарните екипи во Светиниколско, каде во изминатите денови од пожарите изгореа неколку илјади хектари со пасишта и шуми.
Возилото на компанијата „Техком“ има капацитет од 9.000 литри вода, а располага и со далечински управуван топ, чиј млаз исфрла вода во далечина до 100 метри. Исто така, има и противпожарни црева и друга опрема за гасење оган во полски и шумски услови. Со тоа се овозможува поефикасно интервенирање, намалена опасност и зголемена безбедност за лицата кои се вклучени во гасењето на огнената стихија.
Карактеристично е што ова возило има погон на сите тркала и може да се движи по т.н. офроуд терени, односно да пристапи и на терени каде што обичните противпожарни возила не можат да влезат.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.