Aсоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА во просториите на ЈЗУ Општа болница Кочани го отвори вториот MM Центар за поддршка и советување на момчиња и мажи, простор посветен на поддршка, доверба и грижа за менталното здравје на момчињата и мажите како и другите засегнати во заедницата.
Новиот Центар во Кочани претставува продолжување на моделот кој веќе покажа дека ваквите услуги им се навистина потребни на мажите и момчињата.
Искуството на ХЕРА покажа дека кога мажите имаат безбеден простор каде можат без страв и осуда да зборуваат за своите проблеми, тоа позитивно влијае не само врз нивното ментално здравје, туку и врз семејствата и заедницата. По првиот ММ Центар што ХЕРА го отвори во мај 2024 година до денеска се дадени над 950 сесии од психолози и психотерапевти на 135 момчиња и мажи.
-Новиот ММ Центар во Кочани е создаден со идеја да покаже дека никој не треба сам да се справува со стресот, притисокот, стравовите или тешките животни ситуации. Наместо молчење и затворање во себе, овој простор нуди разговор, разбирање и професионална поддршка, истакна Елизабета Божиноска, програмска директорка во ХЕРА.
ММ Центарот во Кочани има цел да создаде безбедно место каде момчињата и мажите ќе можат да разговараат, да добијат поддршка и да научат како подобро да се справуваат со емоциите, конфликтите и секојдневниот притисок. На тој начин, поддршката за менталното здравје станува и важен дел од создавањето побезбедни семејства и заедници без насилство.
Според податоците од HBSC студијата од 2022 година, индикаторите за ментално здравје кај момчињата покажуваат влошување со возраста. Раздразливоста, која се јавува повеќе од еднаш неделно, е присутна кај 13% од 11-годишните, 14% од 13-годишните и 19% од 15-годишните момчиња, што укажува на постепено зголемување во адолесценцијата. Речиси секое четврто момче на 15 години има проблеми со спиењето, а чувството на ниско расположение е пријавено кај 13% од 11-годишните, 14% од 13-годишните и 26% од 15-годишните момчиња, што покажува значително зголемување со возраста.

Во исто време, многу момчиња растат со пораки дека „машките не плачат“ и дека секогаш мора да бидат силни, што често ги оддалечува од барањето помош кога им е најпотребна.
Аташето во Австриското Министерство за труд, социјални работи, здравство и заштита на потрошувачите, Харалд Бреза-Фугер, нагласи дека Директивата на ЕУ 2024/1385 за борба против насилството врз жените и семејното насилство поставува јасна насока што Северна Македонија треба да ја следи. Според него, нејзината важност е во тоа што не се ограничува само на казнување, туку опфаќа превенција, заштита на жртвите, пристап до правда, поддршка и координација меѓу институциите. Тој изрази надеж дека пилотирањето на советувалиштето за мажи во Кочани ќе придонесе кон намалување на родово базираното и семејното насилство. На крај, Бреза-Фугер им се заблагодари на вклучените невладини организации од Австрија и Македонија за нивниот голем ангажман и им посака многу успех во понатамошната имплементација на проектот.
-Соработката со ХЕРА започна пред една година и со особено задоволство продолжува преку потпишувањето на меморандумот за соработка и отворањето на Центарот за поддршка и советување на момчиња и мажи во Кочани. Во изминатиот период, нашите вработени добија значајна обука и континуирана поддршка заедно со тимот на ХЕРА, што придонесе за зајакнување на капацитетите за работа во областа на менталното здравје и психосоцијалната поддршка. Веруваме дека овој Центар ќе биде важен и безбеден простор каде граѓаните ќе можат навремено да добијат стручна помош, поддршка и разбирање, истакна д-р Дарко Иванов, началник на невропсихијатриско одделение при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кочани

Координаторот на Центарот за мажи и момчиња во Скопје, Виктор Бучковски, истакна дека Кочани не смее да се заборави.
-Болката и траумата на преживеаните, на родителите, на пријателите и на сите погодени не смеат да останат само една точка во времето. Денешното отворање на центарот е мал гест на поддршка кон кочанчани и кон луѓето од овој регион на кои им е потребна психолошка поддршка и советување. Нашата мисија е да бидеме присутни таму каде што е најпотребно, да слушаме, да помогнеме и да продолжиме да зборуваме за оваа тема секогаш кога заборавот ќе се обиде да ја преземе, рече Бучковски.
Со отворањето на овој Центар, Кочани добива нов простор на доверба, поддршка и солидарност – место кое испраќа силна порака дека грижата за менталното здравје е важна за сите и дека барањето помош е чин на сила, а не на слабост.
Отворањето на Центарот е дел од регионалниот проект „Трансформирање на родовите норми: Спречување на родово базирано насилство преку ангажман на младите во Албанија и Северна Македонија“, финансиски поддржан од Австриското сојузно министерство за социјални работи, здравство, нега и заштита на потрошувачите.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






