Со многу емоции, солзи, но и пораки за љубов и заедништво, во Кочани вечерва се одржа голем хуманитарен настан во чест на Јорданчо Џамов и останатите 62 млади лица кои ги изгубија своите животи во трагичниот пожар во клубот „Пулс“.
Настанот, организиран од пријателите и семејството на Џамов, имаше за цел собирање средства за изградба на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“, како и помош за семејства од ранливи категории преку новоформираното здружение „Јорданчо Џамов“.

Централен дел на вечерта беше модната ревија, поддржана од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, со што симболично се оствари сонот на Јорданчо, кој како талентиран студент по мода и дизајн сонувал за своја сопствена ревија.

Професорката Сања Ристески, која одблизу го познавала Јорданчо како свој студент, во своето емотивно обраќање истакна дека тој бил пример за позитивна енергија и уникатен стил.

-Јорданчо, секогаш насмеан, секогаш позитивен, секогаш ведар, секогаш облечен во неговиот препознатлив стил… Знам колку ја сакаше модата, знам колку сакаше да се дотеруваш, знам колку ги следеше модните трендови и знам колку беше различен, уникатен и авангарден. Но знам дека знаеш колку јас бев среќна со секој твој успех, бидејќи ти знаеше да го живее животот и знаеше да му се радува во вистинската смисла, истакна професорката Ристески.
Ристески се потсети и на последната порака што ја добила од него за својот роденден, нагласувајќи дека неговата универзитетска фамилија секогаш ќе го памети како посебна личност.

Сестрата на Јорданчо, Розета Блажева, зборуваше во име на семејството, изразувајќи благодарност до сите кои помогнале во организацијата и нагласувајќи дека болката за 63-те згаснати животи е болка на целата заедница.
-Вечерва покрај споменот за мојот брат Јорданчо, со голема тага и почит се сеќаваме и на сите млади животи кои прерано згаснаа. Иако нивните години беа малку, спомените што ги оставија ќе живеат засекогаш. Нека оваа вечер биде израз на нашата љубов, почит и ветување дека никогаш нема да ги заборавиме. Ова ново здружение на хумани граѓани што го формиравме не е само организација, тоа е симбол на хуманоста, добрината и човечноста што Јорданчо ги носеше во себе, нагласи Блажева.

На настанот беа прочитани и трогателни извадоци од меморијалната книга посветена на Џамов и „ангелите“, чии авторки се неговите пријателки Ружица Блажева и Натали Ајтовска.
Книгата е сведоштво за еден краток живот кој оставил трајна трага, содржи проза и поезија, а во неа се вклучени и инспиративни песни за секое од 63-те деца кои прерано го загубија животот. Блажева, која е и блиска пријателка на Јорданчо, на хуманитарниот настан истакна дека книгата претставува мост меѓу минатото и иднината и начин да се осигура дека нивните имиња и насмевки никогаш нема да бидат заборавени. Во неа се опишуваат празните места на масите и неизмерната тага на мајките и татковците кои секојдневно се соочуваат со тишината во домовите.

Вечерта беше збогатена со настапи на учениците од музичкото училиште „Ристо Јуруков“ и специјален настап на Каролина Гочева, чии песни Јорданчо неизмерно ги сакал.

Исто така настапија и локалните музичари Тања и Јоле, а настанот заврши со симболичен чин на сеќавање – пуштање на 63 балони кон небото, како порака на љубов и надеж за сите млади животи кои прерано станаа ангели.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






