Трошоците за ангажирање надворешен оператор со механизација за третман на отпадот на кочанската комунална депонија кај Бели се неколкукратно повисоки од приходите што КЈП „Водовод“ ги остварува од соседните општини кои го депонираат својот смет таму.
Дискусиите на последната седница на Советот на Општина Кочани открија дека одржувањето на депонијата создава огромна финансиска дупка во буџетот на „Водовод“, иако при неодамнешната посета на претставници од Министерството за животна средина и од Амбасадата на Швајцарија таа била оценета како една од најуредените во државата во моментов.
Членот на Советот, Сашко Иванов, презентираше фрапантни податоци за финансиското работење поврзано со депонијата, односно дека одржувањето чини милиони, а приходите се симболични.

-Во првите пет месеци од 2026 година, КЈП „Водовод“ има исплатено 4.130.000 денари на надворешен оператор за одржување на депонијата. Од друга страна, приходите од депонирање смет од соседните општини за цела 2025 година се само околу 2 милиони денари. Ако тоа се подели, излегува дека наплаќаме по само 61.000 денари месечно по општина. Ако продолжи овој тренд, годишниот трошок за надворешен оператор ќе надмине 10 милиони денари, што е неодржливо за претпријатието, истакна Иванов, при што предложи наместо одлив на средства кон приватни фирми, КЈП „Водовод“ да набави сопствена механизација преку лизинг за да ги консолидира финансиите.
Градоначалникот Владко Грозданов потврди дека се работи за високи трошоци, но тоа го оправда со потребата од нејзино одржување, особено што депонијата сега е под огромен притисок со прифаќање на отпадот и од соседните општини Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци.

-Оваа депонија е проектирана за 20.000 жители, а сега депонираат 50.000 жители. Секој ден мора да се работи на затрупување на сметот за да не се запали. Само багеристот има дневница од 50 евра, а машината троши по 30 литри нафта на час. Тоа се огромни дневни трошоци само за гориво и работна рака, истакна Грозданов.
Како излез од финансиската криза, градоначалникот предложи нов модел на наплата, насочен кон градежните компании кои во моментов бесплатно го депонираат својот отпад.
-Дневно се фрлаат можеби по 50 камиони шут и земја од изведувачите кои градат згради во Кочани. Треба да размислиме да наплаќаме по 2.000 до 3.000 денари по камион или по кубен метар, бидејќи Општината не може да плаќа багерист за да го затрупува нивниот приватен отпад, нагласи градоначалникот.

Грозданов додаде дека депонијата и станицата за пречистување на отпадните води кај Мојанци биле посетени од делегации кои ја фотографирале како пример за чист објект, но призна дека цената за тоа е висока.
Советникот Филип Цветанов побара јасна методологија за контрола на услугите што ги врши надворешниот оператор, прашувајќи како Општината потврдува дека фактурираните часови навистина се реализирани на терен. Слично на ова, советникот Никола Крстeв потсети дека Советот веќе имал изгласано средства за набавка на сопствен багер уште во 2024 година, прашувајќи зошто таа инвестиција не е реализирана за да се избегнат сегашните трошоци.
Иако депонијата моментално е „најчиста во Македонија“, заклучокот од дискусијата е дека таа останува само привремено и скапо решение до изградбата на регионалната депонија.
Дотогаш КЈП „Водовод“ ќе мора итно да ги ревидира договорите со соседните општини и да воведе наплата за градежниот шут.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






