Здружението Академија Кочани е организтор на нов спортско-културен настан наречен „Freedom run trail“ што за првпат ќе ги обедини љубителите на природата, здравиот живот и симболиката на слободата.
Настанот е закажан за 4 јули, сабота, со почеток во 18:00 часот, а стартната и целната позиција ќе бидат на Споменикот на слободата во Кочани.
Целта на оваа иницијатива е промоција на здрави животни навики, афирмација на локалните природни и културни вредности, како и активирање и јакнење на локалната заедница и младите.
Организаторите подготвија две опции за учесниците:
- Главна „trail“ траса со должина од околу 11,5 км, која води низ ридски предели, покрај река и летниковци
- Рекреативна рута од околу 7 км, наменета за почетници и љубители на движењето во природа
Патеката започнува кај Споменикот на слободата, продолжува низ маало со жива атмосфера, а потоа се движи преку три рида со брановиден профил. Временскиот лимит за завршување на трката е поставен на два часа.
За учество во трката е потребна регистрација со надомест од 5 евра, која на учесниците им обезбедува богат стартен пакет. Пакетот вклучува „dry fit“ дрес, спортски чорапи, торбичка, челна LED светилка, освежување, протеински додатоци и купон за пица.
Сите учесници кои ќе стигнат до целта ќе добијат уникатен финишерски медал од не’рѓосувачки челик.
Покрај спортскиот дел, „Freedom run trail“ нуди и забавно искуство со организирана забава на самиот финиш, каде што за атмосферата ќе се грижат неколку диџеи.
Заинтересираните за учество можат да се регистрираат на официјалната веб страница https://freedomrun.race.mk.

Aкадемија Кочани е граѓанска иницијатива која има успешни волонтерски активности на група ентузијасти меѓу кои се организирањето Паб квиз Кочани, бесплатни часови по Таи Чи, Мотивациски форум, Генералка Викенд Кочани и експертски панел за безбедноста на експресниот пат Кочани–Штип.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






