На Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани официјално започна четиридневната меѓународна програма „KNVB Worldcoaches – Фудбал за животни вештини“, реализирана од Кралската холандска фудбалска федерација со поддршка од УЕФА.
Кочани е првиот град во Македонија што е дел од оваа значајна програма, а обуката ја посетуваат вкупно 23 пријавени тренери од целиот источен регион кои по нејзиното завршување ќе се стекнат со меѓународни лиценци.
На свеченото отворање на настанот присуствуваа амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, како и претседателката на партнерската организација ТАКТ, Магдалена Спасовска.

Амбасадорката Џанел, посочи дека оваа програма е насочена кон градење подобра иднина за сите граѓани, а особено за младите.
-Многу ми е драго што сум овде на почетокот на оваа програма во Кочани. Вашиот град помина многу тежок период и колку и да сакаме, за жал не можеме да го смениме тоа што се случи во март минатата година. Она што сепак можеме да го направиме е заедно да работиме кон подобра иднина за сите граѓани, особено за младите луѓе во овој регион. Фудбалот е многу повеќе од игра — тој креира чувство на припадност, ги сплотува луѓето и им дава можност на младите да се развиваат и надвор од теренот. Вие, учесниците во оваа програма, сте многу повеќе од обични тренери — вие сте оние што може да креираат безбедна околина која ќе ги поттикне младите да станат најдобри од самите себе. Фудбалот е одличен начин да се спојат луѓето и да бидат заедно за да работат за подобро општество, истакна амбасадорката Џанел.
Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, се заблагодари за иницијативата и истакна дека оваа обука носи долгорочна вредност за локалниот спорт.

-Особена чест и задоволство е што на ваша иницијатива го избравте Кочани во најтешките моменти. Сепак мора да се продолжи и ова е една голема придобивка за нас и за нашите тренери. Во Кочани ќе се обучуваат 23 пријавени тренери од целиот источен регион. Имаме многу солидни тренери, но нивното усовршување ќе биде уште поголемо и по завршувањето на обуката ќе се стекнат со светски лиценци од меѓународен карактер од Фудбалската федерација на Холандија. Како општина ги прифаќаме сите овие позитивни примери и се надеваме на уште попродуктивна и продлабочена соработка, рече Грозданов.
Претседателката на организацијата ТАКТ, Магдалена Спасовска, го истакна значењето на доаѓањето на оваа светска програма во Кочани и изрази благодарност за доверената улога.

– Длабоко веруваме дека спортот, а особено фудбалот, претставува силна алатка за развој на вештини кај луѓето, а посебно кај младите. Премногу сме благодарни на довербата што Холандската амбасада им ја даде на нас и на Општина Кочани да го раководиме овој процес и се надеваме на успешен и ефективен тренинг кој ќе придонесе да имаме активни тренери и поддржувачи на младите луѓе, нагласи Спасовска.
Обуката ја води холандскиот тренер Роберт Стејнбеке, а по завршувањето на овој интензивен тренинг, во ноември е предвидено поголемо и посвечено затворање на кое на учесниците ќе им бидат доделени дипломите и лиценците.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





