Во Библиотеката „Искра“ во Кочани се одржа емотивна и едукативна трибина на тема „Нема поголема болка во човекот од болката во неговата душа“, на која гостуваше познатиот струшки невропсихијатар д-р Бошко Томовски.
Настанот беше посветен на процесот на заздравување по трагедијата во објектот „Пулс“, а на трибината, покрај граѓани, присуствуваа и претставници од здружението „16 март 2025 – Кочани“.

За д-р Томовски, мотивот да дојде во Кочани и да ја презентира својата книга бил токму силната емпатија кон болката на родителите и граѓаните.
-Книгата се фокусира на состојбите со кои се соочуваат луѓето по големи трауми. Нема поголема болка во човекот од болката во душата, односно стрес, неуроза, анксиозност, паника и депресија. Мотивот ми е на овој начин да ја оплеменам оваа ситуација, да помогнам. Во Библијата има една убаво кажување – вели: Господ Бог во својата градина ги зема убавите цвеќиња. Ова беа неговите цветови од Кочани, истакна Томовски.

Докторот нагласи дека целта на трибината е двострана – покрај презентација на книгата и искуствата од неговата пракса, да им се овозможи на присутните директно да поставуваат прашања за своите дилеми.
Промоторката на книгата, Магдалена Кочовска Салтирова, зборуваше за колективната борба на граѓаните да ја пронајдат силата за секој нов ден, нагласувајќи дека раните на душата честопати се потешки од оние видливите.
-Дури и да ги носевме со себе сите знаења и предзнаења, дури и тогаш повторно ќе потклекневме по силната болка и тага која ја почувствувавме по загубата на младите лица и големата повреда на нашите деца. Свесноста за тоа дека имаме и кому да се обратиме кога нè боли и на своја волја да ја споделиме и раскажеме тежината на душата, раната која не само што се гледа однадвор, туку и таа што се чувствува на душата, на моменти нè успокојуваше, истакна Кочовска Салтирова.

Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, му се заблагодари на д-р Томовски за неговата емпатија и труд во посттрауматско Кочани. Тој ја претстави реалноста со која се соочуваат сограѓаните, укажувајќи дека физичката сила е често само параван.
-Ние се држиме физички добро, глумиме јака психоемоционална конституција, но сепак во нас нешто работи и секако дека во различни моменти кај различни луѓе потребна е било каква помош… стресот, нервозата си го прават своето, нагласи Грозданов.
На самиот крај на настанот, д-р Томовски ја реализираше својата намера да ја подари книгата која самиот ја финансирал. Притоа, беа подарени книги за членовите на семејствата на загинатите во „Пулс“, како и за повредените во трагедијата, со што симболично се заокружува овој чин на солидарност и поддршка.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






