Во рамки на објектот на Мултикултурниот центар во Кочани официјално е отворен новиот Центар за услуги, реализиран во соработка меѓу Општина Кочани и Министерството за дигитална трансформација.
На отворањето на канцеларијата присуствуваше и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, при што истакна дека ова е 18-ти ваков центар во државата, лоциран на пристапна локација во близина на општинската зграда и градскиот пазар.
Преку него, граѓаните на Кочани, како и на соседните општини Чешиново-Облешево и Зрновци, ќе можат на едно место да добијат над 350 различни административни услуги. Меѓу нив се сите видови потврди, за неосудуваност, уверенија за државјанство, изводи од матичната книга на родени, венчани и умрени, имотни листови од Катастарот, како и потврди за стаж и историјат на работни односи.

Вработените во Центарот ќе им помагаат на граѓаните при пополнување обрасци, електронско аплицирање и зачленување на државниот портал.
Градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, истакна дека отворањето на овој центар ќе донесе големи олеснувања за сите жители.
-Со ова за нашите сограѓани ќе се скрати времето за чекање по шалтери и времето за патување во главниот град за одредени документи. Ова ќе биде една придобивка како за Кочани, така и за општините Чешиново-Облешево и Зрновци, истакна Грозданов.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, нагласи дека целта е сите државни услуги да бидат максимално достапни и доближени до граѓаните.
-Услугите, независно дали се дигитални или хартиени, мора да бидат поблиску до секој граѓанин, да бидат достапни на едно место и да им го олесниме пристапот. Дигитализацијата е само алатка – таа треба да му помогне на секој граѓанин побрзо да си ја заврши работата, рече министерот Андоновски.
Покрај промоцијата на Центарот, министерот Андоновски најави дека на 28 октомври во Македонската филхармонија ќе биде промовирана мобилната апликација „м-Услуги“, преку која граѓаните бесплатно ќе можат на своите мобилни телефони да имаат електронска верзија од личната карта и возачката дозвола.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






