Општина Кочани денеска официјално го означи почетокот на еден од најзначајните проекти за искористување на природните ресурси во регионот. Потпишан е договор за изработка на техничка документација за главниот доводен цевковод за топла вода на релација Долни Подлог – Кочани, кој го вклучува и планираниот главен резервоар.
Овој проект се реализира во рамките на програмата „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ на УНДП, а е финансиран од Владата на Шведска преку Фондот за техничка документација. Со подготвувањето на оваа документација ќе се создадат потребните предуслови за идно аплицирање и обезбедување средства за финалната реализација на проектот на терен.
Проектот се смета за стратешки чекор кон подобрување на енергетската сигурност и ефикасност во општината. Преку подобро искористување на расположливите геотермални ресурси, Општина Кочани цели кон значително намалување на загадувањето на животната средина.

Дополнително, документацијата ќе ги анализира и потребите на јавните објекти во градот за нивно идно поврзување со овој одржлив систем за снабдување со топла вода.


Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, нагласи дека овој зафат е од суштинско значење за долгорочниот развој на градот.
-Овој проект е од големо значење за Кочани, бидејќи отвора можност за подобро искористување на геотермалниот потенцијал и за создавање поефикасен и поодржлив систем за снабдување со топла вода. Со подготовката на квалитетна техничка документација правиме важен чекор кон обезбедување средства и реализација на проект кој ќе донесе долгорочни придобивки за јавните објекти, граѓаните и животната средина, рече Грозданов.

На денешниот состанок, покрај претставниците на Општината, учествуваа и претставници на УНДП и ангажираниот експертски тим. Предвидено е сите активности да се одвиваат во тесна координација помеѓу засегнатите страни за да се дојде до најдоброто техничко и одржливо решение.
Овој инфраструктурен проект се очекува да постави нова основа за почиста животна средина и подобри услови за живот на сите граѓани во Кочани.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






