Министерството за здравство воспостави координирана организација меѓу двете најголеми здравствени установи во регионот за да се овозможи непречено вршење на мамографски прегледи за жените од источниот регион.
Оваа одлука доаѓа по дефектот на мамографскиот апарат во Клиничката болница во Штип, поради што беше неопходно итно наоѓање алтернативно решение.
Според постигнатиот договор меѓу директорите на двете болници, прегледите на мамограф ќе се изведуваат во Општата болница во Кочани, додека снимките ќе бидат интерпретирани од стручниот тим на Клиничката болница во Штип.
За да се одговори на зголемениот прилив на пациентки, во болницата во Кочани ќе биде воведена втора смена. Директорката на Општа болница Кочани, д-р Катерина Мирчовска, изјави дека се отворени поголем број термини со цел да се обезбеди достапност на оваа услуга за жените од целиот регион.

Директорот на Клиничката болница Штип, д-р Владко Захариев, појасни дека по извршените проценки е утврдено дека штипскиот мамограф не може да се поправи, поради што веќе се прават напори за обезбедување нов апарат.
Со ваквата реорганизација се овозможува околу 100 пациентки месечно да добијат мамографски преглед, а ехо прегледите на дојка по потреба и понатаму ќе се вршат во Штип. За пациентките од другите градови од Истокот е предвиден и посебен ден за прегледи за подобра организација.
Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека институционалната мобилизација е привремено решение кое покажува како системот треба да функционира кога ќе се соочи со предизвик. Министерството останува посветено на обезбедување навремена здравствена заштита за сите граѓани.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






