Општина Кочани објави повторен оглас за избор на здружение на граѓани кое ќе помогне во организацијата и спроведувањето на музичкиот дел од манифестацијата „Денови на оризот 2026“.
Според официјалниот оглас, манифестацијата ќе се одржи од 2 до 4 октомври, а во музичкиот дел предвидени се настапи на две локации, за сите генерации.

На 2 октомври, петок ќе се одржи голем концерт на Влатко Стефановски и Антонија Гиговска во Паркот на револуцијата во Кочани.
Следниот ден, 3 октомври настап ќе има DJ Bono во Паркот на револуцијата, пропратен со забавни и едукативни работилници, а на 4 октомври, недела, во Горни Подлог ќе се одржи голем фолклорен концерт на ансамбли од Кочани и нивните гости од странство.
За организирање на музичкиот дел од манифестацијата, Општина Кочани издвојува финансиски средства во износ од 480.000 денари.

Право на учество на огласот имаат сите здруженија на граѓани регистрирани во Централниот регистар на РС Македонија кои работат во областа на културата. При изборот, предност ќе имаат здруженијата што ќе понудат најповолна цена која не го надминува предвидениот лимит од 480.000 денари, како и здруженијата кои се од Кочани и Кочанско.
Заинтересираните организации треба да достават кратка биографија (CV) со која ќе го потврдат своето искуство во културниот сектор, по што Општина Кочани ќе склучи договор со најповолниот понудувач.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






