Со цел да се подигне нивото на безбедност при интервенции, Општина Кочани започна постапка за набавка на нови заштитни маски за потребите на пожарникарите од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ).
Новата опрема што се набавува претставува професионална панорамска маска за целото лице, специјално дизајнирана за работа во екстремни услови каде што има присуство на опасни гасови и честички.

Маските мора да ги исполнуваат строгите европски стандарди EN 136:1998 и EN 166:2001, што гарантира нивна сигурност и квалитет. Треба да обезбедуваат високо ниво на филтрација со комбинирани филтри од типот ABEK1P3, кои штитат од широк спектар на хемиски опасности, односно од органски и иноргански гасови и испарувања, сулфур диоксид и кисели гасови, амонијак и деривати на амонијак, како и највисоко ниво на заштита од ситни честички, прашина и аеросоли.
Маските треба да имаат визир изработен од панорамски поликарбонат со широко видно поле, кој е дополнително обработен за да биде отпорен на гребење и удари од честички со голема брзина. Исто така, да имаат термопластичен еластомер со FDA сертификат, што ги прави безбедни за кожата и удобни за подолго носење. Дизајнот овозможува циркулација на воздухот за да се избегне замаглување, со посебни вентили за инхалација и евакуација на издишаниот воздух.

Тендерската постапка за набавка е веќе во тек и заинтересираните понудувачи можат да аплицираат најдоцна до 27 март. Вкупната проценета вредност на оваа набавка изнесува околу 180 илјади денари без ДДВ. По завршување на изборот и потпишување на договорот, економскиот оператор ќе има обврска да ги испорача маските во рок од 15 дена.
Оваа набавка е од суштинско значење за кочанските пожарникари, бидејќи опремата е наменета за работа во загадени атмосфери каде содржината на кислород е над 19,5% по волумен, овозможувајќи им безбедно извршување на задачите во ризични средини.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






