Во кругот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) во Кочани денеска свечено беше одбележан 20 Мај, Денот на пожарникарите, со што беше оддадена почит на хуманоста и жртвата на професионалните и доброволните пожарникари.
Настанот беше заокружен со прогласување на најдобрите пожарникари за изминатата година – Горан Стојанов од ТППЕ Кочани и Гоце Василков од Доброволното противпожарно друштво (ДПД) Кочани.
Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, во своето обраќање потсети на историското значење на овој датум, истакнувајќи дека пред 190 години во Битола бил оформен првиот противпожарен одред.

-Овој ден е посветен на оние најхрабрите, на оние кои го жртвуваат својот живот за да спасат друг живот и на оние кои влегуваат во катастрофата кога другите излегуваат. Огромна благодарност до сите поддржувачи на нашата Територијална противпожарна единица и на Доброволното противпожарно друштво, посебно до ЕВН Македонија од каде донираа четирицикл за интервенции. Изразуваме благодарност и до Видеолотарија на Македонија за поддршката на нашите пожарникари, на МЕПСО, на сите амбасади, донатори и поддржувачи на оваа единица во Кочани, истакна Грозданов.
Грозданов потврди дека Општината е во фаза на анализи за нови вработувања во ТППЕ со цел екипирање на потребниот кадар.

Командирот на ТППЕ Кочани, Драган Апостолов, изрази голема благодарност до своите колеги за нивната пожртвуваност и тимска работа.
-20 мај е денот на пожарникарите, на храбрите луѓе, на хуманите луѓе кои сме тука за вас граѓаните, порача Апостолов.

Тој информираше дека возниот парк од денеска е зајакнат со нов четирицикл од ЕВН Македонија, наменет за шумски пожари, а претходно е добиено и возило од Чешката Република.
Според статистичките податоци, Апостолов рече дека лани бил намален бројот на регистрирани пожари во однос на претходната година.

-За разлика од 2024 година, минатата година бележиме вкупно 226 пожари, од кои 46 се имаме на објекти. Имало 133 пожари на отворен простор, при што е зафатена површина од 154,2 хектари, а има два шумски пожара со изгорена шумска маса на површина од 8,1 хектар. Имавме 11 пожари на патнички моторни возила, 23 технички интервенции, 11 поплави. Во општина Чешиново Облешево имавме 72 интервенции, од кои 58 се на отворен простор, еден е шумски пожар и четири пожари на патнички моторни возила, две технички интервенции и седум поплави. Во општина Зрновци имавме 12 интервенции, од кои три пожари на објекти и девет на отворен простор. Исто така, регистрирана е една техничка интервенција, а во пожари е зафатена површина од 6,6 хектари. За 2026 година, од први јануари до денеска бележиме вкупно 119 интервенции, од кои 69 се полски пожари, 35 се пожари на објекти, 10 пожари кај патнички моторни возизла, два шумски пожара и три технички интервенции за вадење на вода од простории на неколку станбени згради во градот, додаде Апостолов.

Силната меѓуопштинска поддршка беше најавена со присуството на градоначалниците на соседните општини Чешиново-Облешево и Зрновци, што во изминатите години не беше практика. Градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево, Јорданчо Костадинов, најави формирање на општинско доброволно противпожарно друштво.
-Ова не е само свеченост, ова е и една обврска со којашто ние и по закон сме обврзани да ги поддржуваме противпожарните друштва, да учествуваме во организацијата на противпожарната бригада којашто ја опфаќа и нашата територија. Во иднина согласни сме, заедно со градоначалниците од останатите општини, заеднички да собереме сили и оваа бригада да ја ставиме на едно највисоко ниво и заедно со доброволните противпожарни друштва да излегуваат секогаш по потреба, на сите граѓани, во секоја несакана ситуација, изјави Костадинов.

Градоначалникот на Општина Зрновци, Ванчо Митев, исто така ја истакна одличната соработка со ТППЕ и ДПД Кочани, најавувајќи дека Општината веќе обезбедила локација и планира дополнителни обуки за волонтерите од новоформираното Доброволно противпожарно друштво.
-Тоа ќе значи побрза и поефикасна интервенција во несакани ситуации, нагласи Митев.
Свеченоста заврши со заедничка желба за помалку работа и поголема безбедност за сите граѓани во регионот.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






