Во рамки на големата хуманитарна иницијатива насочена кон подобрување на квалитетот на животот на лицата со попреченост во Македонија, Ротари клубот Кочани – Виница обезбеди значајна донација од 170 инвалидски колички.
Оваа акција е резултат на соработката помеѓу локалниот клуб и нивниот партнер, фондацијата GNTC (GNTC Foundation) од Косово.
Донацијата вклучува 150 мануелни и 20 акумулаторски (автоматски) колички, кои се многу повеќе од обични медицински помагала. За многумина, овие средства значат враќање на достоинството, поголема слобода на движење и нова надеж за полесно секојдневие, како за самите корисници, така и за нивните семејства.

Главниот донатор, GNTC Foundation, е организација основана во 2017 година која досега има донирано над 3.000.000 евра во регионот, оставајќи силен печат на солидарност. Покрај нив, клубот изрази посебна благодарност и до Project HOPE Macedonia, кои обезбедија клучна поддршка во административниот процес на увоз на помагалата.
Од следната недела, започнува процесот на распределба на количките низ цела Македонија. Дистрибуцијата ќе се врши транспарентно, врз основа на реалните потреби на граѓаните и потребите на здравствените институции, таму каде што е најнеопходно.

Со оваа последна активност, бројот на инвалидски колички што овој клуб ги има донирано досега изнесува над 300, што претставува стотици подобрени животни приказни.
-Ова не се само бројки, туку реални приказни на реални луѓе. Ќе продолжиме и понатаму, затоа што веруваме дека заедно можеме да направиме вистинска промена, порачуваат од Ротари клубот Кочани – Виница, нагласувајќи дека хуманоста не познава граници.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






