Советничката група на СДСМ во Советот на Општина Кочани во јавно обраќање до граѓаните упати остри критики до локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, по одржувањето на 16-тата седница на Советот.
Членката на советничката група, Александра Коцева, во своето обраќање истакна дека неодамна донесените одлуки директно удираат по џебот на граѓаните и го потврдуваат стравувањето за лошата финансиска состојба во државата.
Според Коцева, одлуките на мнозинството во Советот за кратење на блок дотациите се јасен сигнал за финансиска нестабилност на централно ниво.
-Се донесоа одлуки поддржани од советниците на ДПМНЕ и коалиционите партнери кои со право ја разбрануваа кочанската јавност. Со тоа што се укинуваат или кратат блок дотациите од државата за превоз на средношколците или за плати на вработените во територијалното противпожарно друштво Кочани, само ги потврдија сомнежите дека државата е во тешка финансиска состојба и дека државната каса е празна. И секогаш кога ДПМНЕ е на власт, нивните лоши политики ги плаќаме ние, обичните граѓани, истакна Коцева.
Дополнително, таа посочи дека локалната власт со 12 гласа „за“ изгласала значително оптоварување на граѓаните преку нови даночни стапки и паркинг услуги.
-Локалната власт предводена од ДПМНЕ и коалиционите партнери изгласа покачување на данокот на имот за 40% и данокот на промет за 30%, како и дополнително наплаќање на паркинг услуги на граѓаните со нови или дополнителни улици. Со оглед на тешката финансиска состојба во која се наоѓаат граѓаните кои секој нов ден живеат сè потешко, СДСМ смета дека тие се најмалку виновни за лошите политики на власта кои единственото решение за излез го бараат со воведување на нови и повисоки давачки од џебот на граѓаните, рече Коцева.
Во контекст на актуелните проблеми со неисправната вода за пиење во неколку градови во државата, советничката група на СДСМ поднела предлог за заштита на здравјето на граѓаните во Кочани, кој бил прифатен на седницата.
-На предлог на нашата советничка група беше побарано дополнителна точка на дневниот ред: Донесување на одлука за вонредна анализа на водата за пиење која ја користиме од бунарскиот систем за водоснабдување во општина Кочани и истата беше усвоена. За СДСМ, здравјето на граѓаните е над сè и пред сè, додаде Коцева.
На крајот од своето обраќање таа упати критика за севкупниот развој на градот, правејќи споредба со соседните општини и ветувањата дадени пред изборите.
-Власта на ДПМНЕ ветуваше историско и драматично воскреснување во Кочани. Кочани не само што не воскресна, туку од ден на ден сè повеќе заостанува како со капитални инвестиции, така и со квалитетот на живот во однос на соседните општини, за кои Кочани во минатото беше пример на успешно и средена општина. СДСМ е секој пат на страната на своите сограѓани и заедно ќе се бориме против политиките на пропаст кон којашто нè води оваа власт, заклучи Коцева.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






