Советот на јавните обвинители донесе одлука за кадровско зајакнување на обвинителствата во источниот регион, но истовремено се соочи со сериозни реакции од семејствата на жртвите од трагедијата во „Пулс“ во врска со водењето на истрагата.
Како дел од напорите за подобрување на ефикасноста, Советот на својата 43-та седница донесе одлука за објавување оглас за избор на Основен јавен обвинител во неколку градови, меѓу кои и Кочани. Дополнително, по разгледување на потребите на подрачјето на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) – Штип, одлучено е бројот на обвинители во ОЈО Штип и ОЈО Кочани да се зголеми за по уште еден извршител, додека во ВЈО Штип ќе бидат ангажирани дополнителни двајца јавни обвинители.
И покрај кадровските најави, семејствата на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани изразија сериозна загриженост поради одлуката на Советот да не му биде продолжен мандатот на јавниот обвинител Ивана Трајчева. Преку поднесок доставен до Советот, претставниците на Здружението „16 Март 2025 – Кочани“ истакнаа дека Трајчева била детално запознаена со сите факти и докази додека ја водела истрагата за предметот „Пулс“.

Семејствата, кои веќе 41 пат маршираат за своите 63 ангели, побараа Советот да ја преиспита својата одлука или да најде начин за понатамошно вклучување на обвинителката во случајот, со цел да се обезбеди континуитет и правилно завршување на постапката.
На ваквото барање, членовите на Советот одговорија со препраќање на предметот до Јавното обвинителство на РСМ. Од Советот информираа дека тие не се надлежни да ги преиспитуваат сопствените одлуки во ваков контекст, за што писмено ќе го известат и подносителот на барањето.
Оваа одлука доаѓа во време кога семејствата на жртвите, предводени од Александар Наунов, продолжуваат со притисокот врз институциите за побрзо расчистување на случајот и утврдување одговорност за пропустите што доведоа до трагедијата со 63 жртви и над 200 повредени.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






