Американскиот балетски состав „Ballet Magnificat!“ пристигнува во Македонија за серија хуманитарни настапи со цел собирање помош за жртвите од пожарот во Кочани. Оваа иницијатива, организирана под мотото „Love Kočani“, има за цел да ја обедини уметноста и солидарноста во поддршка на погодените семејства.
Турнејата на овој реномиран состав ќе опфати три македонски градови, каде публиката ќе може да ужива во врвни балетски изведби со почеток во 19 часот.
Првиот настап ќе се одржи на 17 април во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Турнејата продолжува на 20 април во Националната установа Центар за култура „Ацо Шопов“ во Штип, а финалниот концерт ќе се одржи на 22 април во Националната установа Центар за култура „Бели Мугри“ – Кочани, градот за кој е наменета целата хуманитарна помош.

Овие концерти претставуваат можност за граѓаните преку културно доживување директно да придонесат за жртвите од пожарот во Кочани. Организаторите ги повикуваат сите љубители на уметноста и хумани луѓе да се приклучат кон оваа благородна акција.
Сите дополнителни информации за настаните, како и можностите за донирање, се достапни на официјалната веб-страница на иницијативата: www.sakajgokocani.org.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






