Кочанскиот гениј по информатика Владимир Грчев постигна нов историски успех. На само 16 години тој успеа да го освои својот прв светски медал на престижната Интернационална олимпијада по информатика (IOI 2026), докажувајќи дека македонскиот ум стои рамо до рамо со најдобрите во светот.
Меѓународната олимпијада по информатика, чиј домаќин годинава е градот Ташкент во Узбекистан, важи за највисоко скалило во светот на програмирањето за млади, каде што секоја година се среќаваат најинтелигентните млади умови од сите меридијани. На Олимпијадата учествуваа околу 400 натпреварувачи од над 90 држави во светот.
Иако Владимир беше меѓу помладите учесници на оваа голема светска сцена, тој освои вкупно 228,8 бода, со што покажа дека годините не се пречка за врвни резултати, закитувајќи се со бронзениот медал уште при своето прво учество.

Зад овој медал стои многу повеќе од обичен резултат. Таквиот успех е плод на огромна сила, трпение и силен карактер покажан во клучните моменти од натпреварот.
-Владимир дозволи знаењето и резултатот да зборуваат за него – со својата борбеност, истрајност и посветеност покажа дека припаѓа меѓу најдобрите во светот, истакнува неговата мајка Анита Атанасова Грчев.
Овој успех предизвика голема гордост кај јавноста и стручната заедница, со верување дека она што е заслужено и чесно секогаш го наоѓа својот пат до врвот.
Со светска бронза на само 16 години, за Владимир Грчев ова не е завршница на еден натпреварувачки циклус, туку само почеток на неговото патување низ светот на науката и технологијата.

На видеото подолу потсетување на почетоците на успешниот пат на Грчев, низ разговорот снимен во април 2023 година:
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






