Граѓаните низ државата се цел на нова, софистицирана „phishing“ измама, во која преку СМС пораки се известуваат за наводни сообраќајни прекршоци евидентирани од системот за мониторинг. Измамниците го користат воведувањето на системот „Безбеден град“ како параван за да изнудат пари и лични податоци од невнимателни возачи.
Жртвите добиваат порака во која се тврди дека нивното возило е автоматски евидентирано за прекршок. Притоа, испратен им е линк mvr.govmk.cam/mk што ако се отвори дава опција да се внесе регистерската табличка, а потоа упатува на „сторен“ сообраќаен прекршок за возење со брзина поголема од 60 километри на час.

Исто така, пишува дека на истиот линк може да се види фотографија од возилото на местото на направениот прекршок, но потоа на веб-страницата што се отвора никаде нема таква можност.
Во пораката се нуди „законско намалување“ – доколку казната се плати во рок од 8 дена, износот се намалува за 50%. Исто така, се упатуваат закани дека неплаќањето ќе доведе до административни постапки кои ќе ја попречат годишната регистрација на возилото.

Сепак, внимателните граѓани веќе пријавуваат неколку клучни забелешки што откриваат дека станува збор за измама:
- Странски број: Пораките пристигнуваат од приватен број (+639318730943) со префикс +63 (Филипини), што е јасен знак дека не станува збор за официјална комуникација од македонското МВР.
- Сомнителен линк: Линкот во пораката води до веб-страница mvr.govmk.cam/mk која визуелно имитира официјален портал, но е со лажен домен.
- Нелогичности на страницата: Без разлика која регистерска табличка ќе се внесе, системот веднаш покажува преполовена сума од 3.000 на 1.500 денари казна за „прекорачување“, наместо правилното „пречекорување“ на брзината од 60 км/час.
- Нефункционални линкови: На лажната страница не функционира ниту еден друг линк освен опцијата за плаќање.
Експертите предупредуваат дека финансиската штета од 1.500 денари е само помалиот дел од проблемот. Најголемата опасност лежи во тоа што со пополнување на податоците од платежната картичка, граѓаните ги предаваат своите банкарски информации директно во рацете на криминалци, што може да доведе до целосно празнење на нивните сметки.
Од МВР апелираат граѓаните да не ги отвораат овие линкови и да не наседнуваат на вакви пораки, потсетувајќи дека Министерството никогаш не испраќа известувања за казни преку приватни мобилни броеви од странство.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






