Градоначалникот Кристофер Гети, на Општината Лајонс од Илиноис во Соединетите Американски Држави, денеска беше во посета на Општина Кочани.
На средбата со в.д. градоначалникот на Кочани Венко Крстевски се разговараше за актуелните состојби, а беше потпишан и писмен документ со кој се потврдува пријателството меѓу двете локални заедници.

– Доаѓам во Кочани, општина со која сме збратимени, за да пренесам поддршка и добра волја по трагедијата што се случи овде. Општина Лајонс останува посветена на поттикнување на меѓународното пријателство и соработка и заедно со нејзините жители стои здружено со граѓаните на Кочани во ова тешко време, нудејќи искрено сочувство и непоколеблива поддршка, истакна градоначалникот Гети, кој потпиша писмена прокламација за продолженото пријателство меѓу општините.

Заблагодарувајќи се за поддршката, Крстевски ги истакна напорите за нормализирање на животот по несреќата во Кочани и потребата за коренити системски промени што ќе влијаат на квалитетот на функционирањето на заедницата.
Градоначалникот Гети и делегацијата од Лајонс ја посетија ТППЕ – Кочани и во чест на херојските дела на кочанските пожарникари и многуте спасени животи за време на трагичниот пожар во „Пулс“, на командирот Драган Апостолов му подарија пожарникарска секира од Противпожарната служба на Општина Лајонс.

Соработката на Општина Кочани со американската општина Лајонс, којашто се наоѓа во непосредна близина на Чикаго, започна пред една година по иницијатива на кочански иселеници во САД.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






