Групацијата „Алтернатива“ во наредниот период ќе реализира групни работилници за блиските на настраданите и за повредените во трагичниот пожар во „Пулс“, како и психоедукативни активности за пошироката заедница.
Проектот „Простор за поддршка“ е со цел да понуди соодветен, достоинствен и етички пристап во поддршката на семејствата на настраданите и за граѓаните во Кочани од страна на психолози и стручни лица.
-Целта е да формираме групи за поддршка коишто ќе им помогнат на граѓаните да го надминат овој период којшто е стресен за целиот град и целата земја, која се соочи со огромна загуба. Групите ќе бидат за возрасни, за млади и за професионалци, каде што ќе можат да споделуваат проблеми и мислења во група заради надминување на потешкотиите со коишто во моментот се соочуваат. Групното работење е лекувачко, бидејќи секој може да го сподели своето Важно ни е да бидеме дел од помошта којашто ќе ја даваме за граѓаните во овој град., истакна Давид Тасевски, европски сертифициран терапевт во групацијата „Алтернатива“.

Поодршка во реализацијата на активностите дава и Општина Кочани, со цел да се организира психоедукативна и психосоцијална поддршка за сите заинтересирани граѓани како одговор на трагичниот настан од март оваа година.
-Нашата идеја со групна работа, којашто многу често дава краткорочни, но и долгорочни резултати во работата со траума, сакаме да бидеме сигурни дека тоа е потребно на граѓаните, затоа што бенефитите од групната работа секогаш се и долготрајни. Имаме чувство дека не сме сами во групната работа, во контролирана и сигурна средина можеме да доживееме одредена емоционална, можеби и катарза, и отворено да разговараме за сѐ она што се случува внатрешно во нас. Важно е да се работи и со професионалците коишто беа засегнати и коишто помагаа во целиот тој процес, затоа што тие трауми што можеби се создале во нив, може да се пројават многу понатаму во животот. Затоа е значајно сега да се одработи тој трауматичен настан за потоа да избегнеме последици коишто можат да се случат, односно кај младите девијантни однесувања, кај возрасните одредени симптоми кои ќе бидат последица токму на ова. Затоа ја препорачуваме групната работа и сакаме да слушнеме што точно е потребно за да може да се интервенираме навремено и долгорочно, истакна Тина Чачоровска од групацијата „Алтернатива“.

На средбата што се одржа во Кочани беше најавено дека по формирањето на мали групи, стручни лица наскоро ќе почнат да работат со граѓаните. Пријавувањето на заинтересираните за учество во групите и сѐ уште трае. Во зависност од интересот и искажаните потреби, ќе се определува и големината на групата, за да се избегнат непријатности да се зборува за лични трауми и проблеми пред поширок круг на луѓе.
Првата работилница ќе се одржи в сабота, 24 мај 2025 година, а заинтересираните можат да се пријават кај локалната координаторка на „Алтернатива“, Кристина Димитрова, на телефонскиот број 078 313 306.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






