Наградата за најдобар афоризам на 13. манифестација на македонски афоризам АФКО 2025 ја доби Марјан Анѓеловски од Скопје.
Стручното жири одлучи втората награда да му ја додели на афористичарот Атанас Крлевски од Велес, а третата на Марија Брндевска од Струмица. Дополнително, пофалници за своите афоризми добија и Дана Тембелеска од Битола, Костадинка Витанова од Струмица и Драганчо Тасевски – Изворски од Кичево. За овогодишното издание на АФКО, авторите пишуваа афоризми на зададената тема „Овци, стада, овчари“.
Домаќин на АФКО вообичаено е Кочани и неговото одржување, уште во почетокот на годината, беше закажано за 28 март. Поради трагедијата што десетина дена претходно му се случи на градот, одржувањето беше одложено. Организаторот, здружението на граѓани Афористичка репрезентација на Македонија (АРМ), го презакажа за 16 мај, а домаќин беше Свети Николе.

-Одржувањето во Кочани беше неизвесно, а желбата да не се прекине традицијата од 12 последователи изданија на оваа манифестација, нѐ натера да побараме алернативна локација за АФКО 2025. По првиот контакт со ректорот Јордан Ѓорчев од Меѓународниот славјански универзитет во Свети Николе веднаш беше постигната согласност манифестацијата да се реализира на овој универзитет. Во првиот дел од АФКО 2025, со сетови свои афоризми настапија: Јане Атанасов, Ружа Стојмилова и Ленче Стоименова од Кочани, Ацо Ѓорѓиев и Ристо Филчевски од Струмица,Атанас Крлевски и Димитар Илиев – Вилазорски од Велес, Елеонора Николовска и Марјан Анѓеловски од Скопје и Нада Караџиќ од Белград, Србија. Публиката со бурни аплаузи ги наградуваше нивните афоризми, информираа од АРМ.

На АФКО 2025 беше доделена и традиционалната Сребрена плакета за развој и афирмација на хуморот и сатирата во Македонија. Годинава носител на ова признание, што го доделува организаторот ЗГ Афористичка репрезентација на Македонија, е Славица Цветкова од Кочани, новинар, професор по македонски јазик и литература, лектор, организатор на разни културни манифестации и сестран литературен творец.
Упатувајќи благодарност до домаќините и до публиката за посетата и аплаузите, организаторите изразија желба да се сретнат по една година во Кочани, на 14. издание на оваа манифестација, во нејзиниот редовен термин околу 1 април.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






