Родителите на Ивона Антова, која почина во трагедијата во „Пулс“ почнаа иницијатива за оддавање вечна почит на 62-та млади животи загубени во трагичниот пожар на 16 март 2025 година.
-Целта е да се создаде голем меморијален мурал на јавен ѕид во центарот на Кочани, кој ќе служи како постојан споменик на жртвите и како потсетник на сите нас за важноста на безбедноста и човечноста.
Муралот ќе содржи сликани портрети или симболични ликови на сите жртви, нивните имиња, како и натписот „Згаснат Пулс – Вечна Светлина“. Дополнително, ќе се интегрираат QR-кодови кои ќе водат до дигитална меморијална страница со кратки биографии и приказни за загинатите (со согласност на семејствата).
Во подготовката и изработката на муралот ќе учествуваат локални уметници, волонтери, средношколци и студенти, а се очекува поддршка и координација со Општината Кочани за обезбедување на локација и логистика. Исто така, ќе биде отворена донаторска кампања преку граѓански организации (Support Kocani) и локални бизниси за финансирање на материјалите и изведбата.
Оваа иницијатива е обид да се пренесе порака на почит, сочувство и одговорност, за да не се заборават оние што ги изгубивме и да се поттикне подобра грижа за безбедноста на сите нас во иднина, истакнуваат Стојка и Тошо Антови во објавата на социјалните мрежи.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






