Плоштадот „Ангел Винички“ денеска беше почетната точка на 43. „Марш за ангелите“ што за првпат се одржа во Виница.
Колоната граѓани, организирана од Здружението „16 март 2025 Кочани“, помина низ централните улици во знак на сеќавање на 63-те млади животи згаснати во пожарот во дискотеката „Пулс“ и како протест против системот кој потфрли во нивната заштита,.
На маршот, со потресен и остар говор се обрати Тања Коцева, родител на едно од настраданите деца, при што истакна дека секој 16-ти во месецот е болен потсетник на ноќта кога нивните најмили останаа заробени во чад и оган поради системски пропусти.

Еден од клучните акценти во обраќањето беше насочен кон резултатите од обдукциите, кои фрлаат поинаква светлина врз причините за смртта на жртвите, при што јавно го оспори официјалниот наратив на институциите кои се фокусираат единствено на јаглерод моноксидот.
-Иако институциите и понатаму упорно ја туркаат приказната дека „клучната причина“ била јаглерод моноксидот, останува фактот дека кај најмалку 21 жртва — речиси една третина од починатите — е утврдено присуство на водороден цијанид над граничните вредности. Но очигледно, за некого 21 човечки живот се „статистика што не одговара на наративот“, па затоа денес слушаме спинови дека „кај поголемиот дел не бил пронајден цијанид“. Навистина? Значи, ако не бил кај сите, тогаш не е важно што бил кај една третина? По таа логика, веројатно и токсичниот материјал не е проблем ако не убил баш секого подеднакво брзо, истакна Коцева.

Беа упатени директни прашања до сите инспекторати и служби кои со години дозволувале објектот да работи со леснозапаливи и токсични материјали.
-Каде биле инспекторите на Дирекцијата за заштита и спасување, чија законска должност е да проверуваат противпожарна безбедност и опасни материјали? Каде биле градежните инспектори кога во објектот се вршеле интервенции, пренамени и вградување токсични и леснозапаливи материјали? Каде биле инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, кои требало да утврдат дали објектот воопшто ги исполнува условите за работа? Каде бил Државниот инспекторат за труд, кој имал обврска да контролира безбедност и заштита при работа во објект полн со луѓе? И најважно — како е можно со години никој од нив да не констатира дека во затворен јавен објект има полиуретански сунѓер кој при пожар испушта смртоносен водороден цијанид? А денес? Денес речиси секој си ги набројува обврските што не ги исполнил, но секогаш со ист изговор: „не добил наредба“, „не бил надлежен“, „друг требало да постапи“, „не му било во опис на работа“. Неверојатно е како во оваа држава секој знае што не направил, ама никој не чувствува одговорност за последиците. Како сите чекале некој друг да им каже да спасуваат животи, додаде Коцева.

Маршот во Виница заврши со порака дека семејствата нема да дозволат вистината да биде сокриена зад административни изговори и дека борбата за одговорност ќе продолжи сѐ додека правдата не добие име и лице.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






