Сообраќајниот пристап до компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ е небезбеден, а близу три илјади вработени, кои користат сопствени возила или организиран превоз, се загрозени при секое доаѓање или заминување од работа.
По изградбата на експресниот пат Кочани – Три Чешми не е дозволено со возило попречно да се поминува преку коловозот за да се влезе во компанијата, а пропишаната брзина движење на оваа делница е 100 километри на час, што е дополнителна опасност за сообраќајни несреќи.
На денешната работна средба за изработка на Стратегијата за безбедност на сообраќајот во Кочани, од „Амфенол Технолоџи Македонија“ побараа што побрзо да се најде решение за проблемот и да се избегнат ризиците за здравјето и животот на вработените.
-Бараме од надлежните служби на локално и пошироко ниво, итно и интервентно да ни обезбедат пристап за доаѓање и заминување од работа. Имаме повеќе од 2.800 вработени кои работат во три смени, доаѓаат и си одат со автобуси од компанијата и со сопствени возила, но не постои никакво безбедно сообраќајно решение за влез и излез. Принудени се да поминуваат преку полна линија на експресниот пат, па освен што прават прекршок, се изложуваат на сериозна опасност да настрадаат, истакна Валентина Зафироска, одговорна за еколошкиот статус на бизнисот, општествените карактеристики и корпоративното управување на компанијата „„Амфенол Технолоџи Македонија“.
Итната потреба за безбеден пристап од компанијата го образложија и со тоа што освен од Кочани, на работа доаѓаат и лица од соседните градови кои се принудени непрописно да го поминуваат коловозот на експресниот пат.
На оваа делница веќе се случија неколку сообраќајни несреќи во кои е причината голема материјална штета, а едно лице се здоби со траен инвалидитет.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.