Во рамки на проектот „Подобро општество за слепите лица во Кочани“, здружението Еднакви за сите од Кочани организираше шаховски турнир, чија цел е подобрување на квалитетот на животот на слепите и слабовиди лица и зголемување на нивниот спортски дух.
Турнирот се одржа во соработка со шаховскиот клуб „Кочани“, кој со задоволство ги отвори своите врати за членовите од Здружението на слепи – Кочани.
-Резултатот во шаховската игра зависи исклучиво од вештината на играчот, а воопшто не зависи од среќата, така што сите присутни на шаховскиот турнир споделуваа искуства и знаења и ги зголемуваа не само шаховските, туку и животните вештини. Играчите наизменично влечеа потези со цел да го матираат противникот, но и несебично со многу трпение гласно објаснуваа, даваа препораки и мислења. Како што милуваат да кажат шахистите, денешната гимнастика на мозокот ги носи да станат големи мајстори во шахот само кога ќе си сфатат сопствените грешки и слабости, исто како во животот. Претседателот на шаховскиот клуб „Кочани“, Благој Ситновски и останатите членови на клубот укажаа големо гостопримство и почитување, искажаа убави зборови и отвореност за соработка со слепите и слабовидни лица, истакнаа од здружението Еднакви за сите.

Шаховската дружба протече во добро расположение и пријатна атмосфера, партиите шах се завршуваа со победи и реми, а учесниците добија нови познанства, искуства и вештини.
Проектот „Подобро општество за слепите лица во Кочани“ е дел од „Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD)“, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), кофинансиран од Општина Кочани.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.