Владата донесе одлука за едностран раскин на договорот за концесија за изградба на мала хидроцентрала на реката Блатешница, со што е извојувана значајна победа за жителите на селото Блатец.
Овој чин претставува клучен чекор во заштитата на јавниот интерес и зачувувањето на природните вредности на овој регион.

Процесот кој доведе до оваа одлука е интензивиран во втората половина на февруари, кога градоначалникот на Општина Виница, Митко Костадиновски, официјално го известил инвеститорот дека неговото Одобрение за градење престанало да важи на 13 август 2025 година. Инвеститорот бил предупреден дека секое преземање на градежни активности по овој датум ќе се третира како бесправно градење, што повлекува соодветни законски постапки.
За овие околности градоначалникот Костадиновски го известил и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со цел да се оневозможи евентуално продолжување на договорот за концесија.

Според официјалната одлука објавена во „Службен весник“ на 3 јули 2026 година, Владата на седницата одржана на 30 јуни го раскина договорот со фирмата „Енерги Лукс ДООЕЛ Кочани“. Како основ за ваквата одлука се наведува дека „Концесионерот не отпочнал со производство во рокот утврден во член 15, став 1 од Договорот за концесија за изградба на мали хидроелектрични централи за производство на електрична енергија“.

Со овој потег, институциите ја заокружија процедурата за запирање на проектот кој предизвика силен отпор кај локалното население. Против оваа одлука на Владата, инвеститорот има право да покрене управен спор пред Управниот суд на Република Северна Македонија во рок од 30 дена од денот на прием на одлуката.
Овој исход се смета за триумф на заедничките напори на жителите на Блатец нивната заложба за заштита на екосистемот на реката Блатешница, за што во текот на февруари и март организираа повеќе протести и блокади на регионалниот пат кон Берово.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






