Младиот борач Столе Ефтимов од Кочани кој до неодамна беше член на БК “Спартак“ во иднина ќе ги брани боите на БК “Лирија“ од Скопје. Договорот за настап тој го потпишал деновиве со што практично и се официјализира преминот во екипата со која тој и досега тренираше.
Со оглед што своето средношколско образование го реализира во Скопје, на 18-годишниот Ефтимов му беше овозможено без проблем да ги користи просториите на неговиот нов клуб, иако службено се водеше како борач на “Спартак“.
Неговиот премин во “Лирија“ ќе биде големо засилување за скопјани, посебно во категоријата до 86 килограми во која кочанскиот борач ќе им биде сериозна конкуренција на своите противници.
Ефтимов е еден од најнадежните борачи на “Спартак“, а потврда за тоа, покрај другите успеси е што минатата година во мај тој се закити со златен медал на државното првенство за јуниори што се одржа во Скопје, а во ноември на силниот турнир „Адем Јашари“ во Косово, освои сребро, победувајќи ги противниците од Северен Кипар и Албанија.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





