На јавната реакција на студентите од Кочани за отежнатиот меѓуградски превоз кон Штип и обратно, Општина Кочани достави писмен одговор, во кој се појаснува дека во моментот во Министерството за транспорт се води соодветна постапка за надминување на оваа состојба.
Во дописот се потврдува дека од 20 септември годинава, со реализација на последната линија Скопје–Кочани во 18:30 часот, „Авто Атом“ Кочани официјално престанал со работа по 24 години.
По прекинот со работа, жителите на Кочани и соседните населени места останаа без својот редовен автобуски превозник, а надвор од функција е и автобуската станица.
Поради тоа, настанаа значителни проблеми во превозот на граѓаните кои немаат сопствен автомобил, а меѓу нив се учениците, студентите, пензионерите и лицата кои патуваат секојдневно поради работа или здравствени потреби.

Од Општина Кочани истакнуваат дека во Министерството за транспорт тече постапка за превземање на меѓуградските автобуски линии кои досега ги одржуваше „Авто Атом“.
Оваа постапка за превземање ги опфаќа следниве клучни релации:
- Кочани → Штип
- Кочани → Скопје
- Кочани → Блатец
Во однос на возилата, од Oпштината посочуваат дека автобусите и минибусите со натпис „Авто Атом“ Кочани повеќе не вршат превоз на патници и се во процес на оттуѓување.
Овластениот инспектор за патен сообраќај во Општина Кочани апелира до сите граѓани и студенти доколку забележат какви било неправилности при превозот на патници, истите веднаш да ги пријават до надлежните локални и државни инспекциски органи.
- Овластен инспектор за патен сообраќај во Општина Кочани: Жаклина Пауновска Анѓелковиќ (Е-пошта: [email protected] или [email protected], Тел: 078/354-079).
- Државен инспекторат за транспорт: (Тел: 02/2464-510, Бул. „Кузман Јосифовски Питу“ бр. 21, Скопје, Е-пошта: [email protected])“
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






