Доброволното противпожарно друштво – Кочани започна значајна хуманитарна иницијатива за набавка на пикап возило, кое е од клучно значење за ефикасно справување со шумските пожари, поплавите и другите природни катастрофи во регионот.
Целта на оваа кампања е преку интернет платформата ecrowd.mk да се соберат 900.000 денари, средства кои во целост ќе бидат насочени кон набавка на половно теренско возило за потребите на волонтерите.
Неопходност од мобилност на терен ДПД – Кочани со години претставува столб на безбедноста во регионот, потпирајќи се на пожртвуваноста и волонтерската работа на своите членови. Сепак, за да можат навремено и ефикасно да интервенираат, особено на тешко достапни шумски терени, неопходно им е соодветно возило за брз транспорт на опрема и тимови.

Од Друштвото нагласуваат дека иако волонтерите се подготвени да се соочат со огнените стихии, без соодветна опрема и мобилност, нивната храброст е ограничена. Набавката на ова возило ќе овозможи побрза реакција при појава на пожари или други непогоди, подобра логистика и зголемена безбедност за пожарникарите на терен и поголема заштита на природата, материјалните добра и животите на граѓаните.
-Шумските пожари се сериозна закана која секоја година уништува непроценливи природни ресурси и имоти, па затоа оваа акција се смета за директна инвестиција во сигурноста на сите семејства и соседи во заедницата.

Како да донирате? Кампањата е планирана да трае еден месец, а во моментот преостануваат уште 29 дена за реализација на целта. Сите заинтересирани граѓани и компании можат да се вклучат во мисијата со свои придонеси. Минималната сума за донирање изнесува 100 денари, додека максималниот износ што може да се донира во еден ден е 6.000 денари, стои во повикот од ДПД – Кочани.
Секоја донација, без разлика на нејзината големина, е чекор поблиску до побезбедна иднина и зачувување на нашите шуми.
-Вашата поддршка е повеќе од донација – тоа е мисија за заштита на природата и заедницата, порачуваат од ДПД – Кочани.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






