Во насока на зајакнување на локалните капацитети за заштита од пожари, Доброволното противпожарно друштво (ДПД) Кочани и ДПД Зрновци официјално потпишаа Меморандум за соработка. Овој чин означува почеток на стратешко партнерство за поголема безбедност во овој дел од регионот.
Главниот фокус на овој меморандум е директната поддршка во ресурси. По претходно барање од страна на колегите од Зрновци, ДПД Кочани донесе одлука за трајно отстапување на противпожарна опрема и лична заштитна опрема.
Дополнително, на новоформираното друштво му се предадени и материјално-технички средства специјално наменети за справување со пожари на отворен простор.

Од ДПД – Кочани нагласуваат дека ваквата поддршка е дел од нивната поширока мисија за помагање на заедницата и зајакнување на новоформираните доброволни структури. Според нив, формирањето на вакви друштва токму во руралните средини е позитивен тренд кој мора да се поттикнува, бидејќи тие се јавуваат како клучен фактор во брзата интервенција и заштитата на природата.
-Се надеваме на успешна заедничка соработка во областа на превенцијата и активното справување со пожарите, се вели во соопштението по повод потпишувањето, со што уште еднаш се потврдува дека солидарноста помеѓу пожарникарите е основа за поефикасна заштита на граѓаните и нивниот имот.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






