Помина точно една година откако македонското Собрание донесе одлука за обезбедување средства за изградба на спомен-обележје во чест на 63-те млади лица кои ги загубија животите во трагедијата во клубот „Пулс“.
По овој повод, Здружението на граѓани „16-ти март 2025 – Кочани“ упати јавно соопштение во кое бара одговори од надлежните институции за тоа зошто реализацијата на овој проект сè уште е во неизвесност.
Од Здружението потсетуваат дека на 18 јуни 2025 година, Собранието прифатило амандман со кој беа обезбедени првични 2.000.000 денари за идејно решение и почетни активности. Иако оваа одлука беше официјално објавена во „Службен весник“ на 23 јуни 2025 година, средствата никогаш не стигнаа до својата намена.

-На средбата со министерот за култура и туризам ни беше кажано дека средствата предвидени минатата година биле искористени за други намени, но дека во текот на оваа година ќе се направи нова прераспределба за реализација на спомен-обележјето, се наведува во соопштението на Здружението.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, неодамна во поткаст изјавил дека за 2026 година повторно се обезбедени 2 милиони денари и дека средствата би требало да се реализираат преку Општина Кочани кон Здружението, како инвеститор.
И покрај новите ветувања, семејствата на настраданите изразуваат сомнеж поради претходните искуства и бараат конкретни докази за најавената прераспределба на буџетот. Тие јавно прашуваат дали најавената прераспределба за оваа година веќе е донесена и каде е јавно објавена, потоа дали постои формален акт за пренос или определување на средствата за оваа намена и дали одлуките донесени во Собранието и објавени во Службен весник остануваат само на хартија или треба да добијат реализација?
Здружението упати и критички осврт кон односот на државата, прашувајќи дали е достоинствено семејствата сами да бараат донации за проект од вакво значење.
-Дали меморијал од вакво значење требаше да биде целосно инициран, поддржан и реализиран институционално од Република Северна Македонија, наместо семејствата паралелно да бараат дополнителни начини за обезбедување средства преку донации, прашуваат од „16-ти март 2025“.
За крај, од Здружението порачуваат дека овој проект не смее да се третира како обична градежна активност.
-Спомен-обележјето не е само проект. Тоа е место на сеќавање, достоинство и траен однос кон 63 прекинати животи, се потенцира во нивната реакција.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






