Граѓанските организации од општините Кочани, Чешиново-Облешево, Зрновци и Виница можат да добијат финансиска поддршка за иницијативи насочени кон економско јакнење на младите.
Веќе е објавен повикот за прибирање предлози во рамки на проектот што е финансиран од ЕУ, преку „Механизам на ЕУ за граѓанска отпорност – Фаза II: Поддршка за граѓанското општество и локалните организации“.
Главната цел на овој повик е поддршка на проекти што ќе овозможат економско зајакнување на младите луѓе и развој на претприемништвото во овој регион.
Клучните приоритетни области опфаќаат дигитални вештини, писменост за вештачка интелигенција (ВИ) и економско јакнење на младите, како и младинско и социјално претприемништво.
Вкупниот фонд на достапната финансиска поддршка изнесува 300 илјади евра, а поединечните грантови по предлог-проект се движат во износ од 10 – 15 илјади евра, при што за апликантите не е потребно сопствено кофинансирање.
Повикот е отворен за непрофитни, невладини граѓански организации основани според Законот за здруженија и фондации. Организациите мора да бидат регистрирани и да дејствуваат во Кочанскиот регион, најмалку три месеци пред објавувањето на повикот и да имаат годишен приход под 50 илјади евра, во последната затворена финансиска година. Право да аплицираат имаат и организациите без претходна финансиска активност.
Крајниот рок за поднесување на апликациите е 16 ноември, а за заинтересираните граѓански организации ќе бидат организирани три информативни сесии за подетално запознавање со условите за аплицирање. Информативната сесија во Кочани ќе се одржи на 15 октомври, а дополнително ќе има уште две онлајн информативни сесии на 27 октомври и 6 ноември.
Сите детални информации и документација за аплицирање се објавени на официјалната веб-страница на проектот.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






