Со финансиска поддршка од Европската Унија изготвен е Регионалниот план за управување со отпад за Источниот и Североисточниот Регион за периодот 2026–2045 година, придружен со соодветна Стратегиска оцена на животната средина.
Овој стратешки документ дефинира долгорочна рамка за решавање на деценискиот проблем со комуналниот отпад преку воспоставување модерен, одржлив и интегриран систем усогласен со стандардите и цели за рециклирање на ЕУ.
Планот опфаќа вкупно 18 општини од двата статистички региони со резидентно население од 318.536 жители според Пописот од 2021 година. Во Источниот Регион се вклучени Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Чешиново-Облешево и Штип, на кои дополнително им се приклучи и Општина Свети Николе. Североисточниот Регион ги опфаќа Кратово, Крива Паланка, Куманово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане.
Главниот столб на планираната инфраструктура е Централната постројка за управување со отпад во општина Свети Николе која ќе содржи постројка за искористување на материјали за селекција на собраните рециклабли, постројка за механичко-биолошки третман со биостабилизација и нова санитарна депонија за безбедно одлагање на преостанатиот отпад.

За поефикасно собирање и оптимизација на транспортните трошоци, предвидена е и мрежа од шест локални постројки за управување со отпад и претоварни станици низ двата региона.
Според избраното оптимално сценарио, во сите општини ќе се воведе систем за собирање со два сада — еден за рециклабилен отпад од хартија, пластика, метал и еден за преостанат сув комунален отпад, а ќе се поттикнува и домашното компостирање за органскиот отпад.
Проценките на сегашната состојба покажале дека додека опфатот со собирање отпад во урбаните средини е 100%, во руралните средини тој изнесува скромни 65,1%. Со новиот план се предвидува комплетно покривање на сите населени места и постепено затворање и рехабилитација на сите општински и диви депонии. Меѓу нив се и локалните депонии како „Тупанец“ во Кочани, „Трештена Скала“ во Штип, „Букиски Дол“ во Чешиново-Облешево и „Озрен“ во Пробиштип.
Јавна расправа за граѓаните и сите заинтересирани страни ќе се одржи во Мултикултурниот центар во Кочани на 20 октомври со почеток од 11 часот.

Анализата од изработената Стратегиска оцена на животната средина покажала дека предложеното сценарио носи најголеми еколошки придобивки, спречува загадување на подземните води, почвата и воздухот и значително ги намалува емисиите на стакленички гасови.
За финансиска одржливост на целиот систем, планот предвидува постепена реформа на општинските тарифи за отпад и примена на принципот „загадувачот плаќа“. Преку овој принцип, домаќинствата и бизнисите ќе плаќаат според количината на генериран отпад, со што финансиски ќе се стимулира нивното учество во селекцијата и рециклирањето.
Во периодот од 5 октомври до 15 ноември 2026 година, на увид на јавноста се достапни Нацрт-извештајот за стратегиска оцена на животна средина за Регионален план за управување со отпад во Источниот и Североисточниот Плански Регион и Нацрт-регионалниот план за управување со отпадот во Источниот и Североисточниот Регион. Документите можат да се видат на веб-страницата на Источниот плански регион на овој ЛИНК.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






