Фудбалското игралиште во Оризари, еден од главните центри на спортското живеење во населбата, се наоѓа во ситуација на институционална негрижа и правна замрсеност.
Иако постои сериозен инвеститорски интерес за обнова на теренот, Локалната самоуправа на Кочани е со „врзани раце“ поради нерешениот имотен статус што го кочи спортскиот развој.

Клучниот проблем лежи во тоа што Општината поседува само право на користење на земјиштето, но не и право на сопственост. Според Законот за спорт, Општината може да дава на користење спортски објекти само доколку тие се во нејзина целосна сопственост.
Оваа правна пречка во моментов го блокира влезот на инвеститор кој има амбициозен план за спас и на фудбалот и на теренот во Оризари.

-Со сегашниот статус во Имотниот лист, а според урбанистичкиот план, тој дел е со намена за спорт и рекреација, значи спортски објект. Согласно Законот за спорт општините можат да ги користат само објектите што се во нивна сопственост, а за да му се даде на инвеститор тоа во моментот е законски неостварливо. Запишано е право на користење на Општина Кочани, значи имаме корисничко право, а со тоа ние не можеме да го даваме објектот на други субјекти за да стопанисуваат со него, истакна Анна Кралева, помошник раководител на Секторот за правни, јавни дејности и општи работи.

Додека се чека правно решение, реалната состојба со спортскиот објект е алармантна. Игралиштето не е во функција од 2017 година, теренот е запуштен, обраснат во висока трева и наликува на напуштена ливада. Пристапот е отежнат, целата придружна инфраструктура е оставена на влијанието на природните фактори, а содржините околу игралиштето се користат за намени кои немаат врска со спортот.
Поради ваквата состојба, младите спортски таленти од Оризари се принудени да спортуваат во околните населени места и да ги бранат боите на други клубови.

На последниот состанок на Комисијата за култура, образование, спорт и права на децата беше донесен заклучок да се утврди зошто сопственоста сè уште не е префрлена на Општината и да се забрза таа постапка. Исто така, да се изработи тарифник со мининални надоместоци за користење на теренот, со што ќе се воведе ред и ќе им се даде приоритет на локалните клубови и на младите категории граѓани.

Беше побарано и КЈП „Водовод“ да се задолжи за редовно косење, оградување и заштита на теренот, со строга забрана за негово користење како паркинг или приватен склад.
Со овие чекори, Општина Кочани се надева дека конечно ќе го врати спортскиот дух во Оризари и ќе создаде услови инвеститорите да помогнат во обновата на фудбалската традиција.


©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






