Македонското државно кај Спомен-домот АСНОМ во Кочани, кое треба да биде симбол на гордост и достоинство, во моментов е во катастрофална состојба.
На јарболот, на оваа оддалеку забележлива локација, е останата да виси само една третина од искинатото знаме, глетка која не ги остава рамнодушни добронамерните граѓани.

Ваквата слика е особено недозволива со оглед на тоа што градот и државата се подготвуваат за одбележување на два од најважните датуми во својата историја – 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани и 8 Септември, Денот на независноста на Македонија.
Според jавните реакции, изгледот на државното знаме е крајно недостоинствен за јубилеите што следат.

Покрај оштетеното знаме, и просторот во непосредна близина на јарболот и околината на АСНОМ дополнително ја нагрдува сликата за градот. На оваа локација е создадена вистинска „дневна соба“ од отпад, каде се фрлени гарнитури за седење и фотелји што со денови никој не ги подига.

Граѓаните и јавноста апелираат за почеста контрола на теренот од страна на надлежните служби. Без разлика дали оштетувањата се резултат на неповолните временски услови или на несовесен човечки фактор, неопходно е знамето на вака фреквентни локации соодветно и навремено да се обновува.
Чистењето на околината и замената на искинатото знаме со ново не е само прашање на хигиена, туку и на долг кон историјата и почит кон државните симболи, особено во деновите кога се слави македонската државност.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






