Националната библиотека „Гоце Делчев“ во Штип, во соработка со ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани приредија настан што ги обедини ликовната и поетската уметност – изложба на слики од ликовната уметница Марина Арсова и промоција на поетската збирка на Наташа Сарафова – „Вришти тишината“.
Делата на Арсова од Кочани и на Сарафова од Штип, мотивски се мошне блиски, како што ќе рече во рецензијата на поетското дело Марија Иванова, тие водат низ емотивен лавиринт на една длабока женска душа.

– Во сите овие дела има нешто што секој од нас го познава: темнината во која се скриени стравот, колебањето, немоќта, тагата, осаменоста и светлината, во која силата, надежта, искрата, љубовта и среќата танцуваат, рече Марина Арсова на отворањето на изложбата во Штип.

Арсова е професор по англиски јазик, која од неодамна активно се занимава со цртање на црна подлога.
– Без темнина светлината не би имала што да обликува, исто како што секое искуство низ животот нѐ обликува, па дури и она што нѐ скршило. Раните не се кријат, туку се позлатуваат, во духот на јапонската техника кинцуги, затоа што тие нѐ прават посилни, додава Арсова за своето творештво.

Наташа Сарафова е доцент на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а ова е нејзина втора поетска збирка со нови 63 песни.
Инаку, ликовните дела на Арсова во Кочани беа изложени во библиотеката „Искра“ во почетокот на декември минатата година, во рамки на кампањата „16 денови активизам против родово базирано и семејно насилство“.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






