Со поетски збор, афоризми, музички изведби и промоција на нови сатирични дела, во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница се одржа втората фестивалска вечер на Меѓународниот фестивал за хумор и сатира „Ин Виница Веритас 2026“.
Отворајќи го настанот, директорката на Домот на културата „Тошо Арсов“, Александра Давиткова во своето обраќање го истакна значењето на убавиот сатиричен збор и авторите кои го градат фестивалот.
– Оваа вечер ја започнуваме со нешто каде што најмногу се чувствуваме дома, а тоа е зборот кај хуморот и кај сатиричната мисла. Вечерва имаме особена чест да го претставиме творештвото на автор кој не треба посебно да се претставува пред виничката публика — автор кој со својот специфичен хумор, остра мисла и препознатлив стил со години ја набљудува нашата секојдневница и притоа знае да ни ја покаже од многу поинаков агол. Ги промовираме двете најнови книги ‘Римувани драми’ и ‘Римувани епиграми’ на Миле Ѓорѓијоски, нашиот пријател и еден од основачите на фестивалот, истакна Давиткова.

Промоторката Христина Деолска во своето излагање детално се осврна на жанрот на епиграмот и на авторскиот опус на Миле Ѓорѓијоски по повод неговите најнови книги.
– Епиграмот, како и афоризмот, е најкратка литературна форма која најдолго опстојува во литературата уште од антиката. Со својата критика најпрвин предизвикува смеа, но остава и доволно простор за размислување. Денес епиграмот е сѐ позастапен при критиките на општествено-политичките состојби и аномалиите во културниот, општествениот и јавниот живот. Миле Ѓорѓијоски е автор со богато сатирично творештво кое низ неговото 50-годишно творење ги опфаќа сите сатирични форми — од афоризам, епиграм, драма, комедии, хуморески, до сатирична поезија, истакна Деолска.

Рецензијата за книгите на Миле Ѓорѓијоски ја подготви Љубинка Ајтовска, која нагласи дека авторот твори со едноставен, но длабок порив.
-Тој пишува како мудар истражувач на причинско-последичните фактори што ја подриваат среќата на обичниот човек, што му го загризуваат здравјето и животот, очен доктор за страдалниците, уметник што предупредува, што го исмева лицемеристо на општеството. Едноставноста на неговиот јазик е обратнопропроционална со сложеноста на пораката. Укажува на глупостите што нѐ водат кон пропаст. Во светот во кој живееме, полн со задни намери, Миле секогаш ни jа нуди реалноста. Најчесто таа е сурова. Неговите епиграми ни развлекуваат изнудена, грчевита насмевка. Насмевка којашто е огледало на вистината за времето во кое живееме, рече Ајтовска.

Како важен сегмент од вечерта беа објавени резултатите од нововоспоставениот конкурс за сатирична поезија, на кој пристигнаа вкупно 28 сатирични песни. Стручната комисија во состав Елена Митева, како претседателка заедно со Љубинка Ајтовска и Христина Деолска, едногласно одлучи првата награда да ѝ ја додели на авторката Љубинка Донева за песната „Тренд пластична хирургија“, која по врачувањето на признанието беше прочитана пред присутната публика.

Придружен дел на втората фестивалска вечер беше и сценско-музичката изведба со наслов „Македонска приказна“, на солистката Ивана Наумова Каранфилова во гитарска придружба на Славко Ѓоргиев.

Во рамките на вечерта, ученици читаа извадоци од сатиричното творештво на Миле Ѓорѓијоски, како и сатирични песни од познати македонски поети и сатиричари.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






